Јавниот повик за нов универзален снабдувач со електрична енергија на регулираниот пазар на кој Владата ги повика заинтересираните компании да достават понуди со пониска маржа од 11,5%, завршува за два дена.
Досега е извесно дека на огласот ќе се јави „ЕВН хоум“, компанијата што и во моментов е универзален снабдувач. Учество најави и „ЕСМ продажба“, компанија што е дел од државното електростопанство, а во трката ќе влезе и компанијата за трговија со струја ЕДС која е фирма ќерка на грчката државна компанија за производство на енергија ППС.
Најавата од компанијата за многу пониска и поконкурентна маржа при учеството на јавниот повик за Универзален снабдувач на електична енергија за следните пет години ги вжешти страстите во битката за добивање на тендерот, а атрактивната понуда од страна на ЕДС, на маржа многу пониска од постоечката ќе значи и пониска струја за оние најранливите, а тоа се граѓаните и малите потрошувачи.
Како на земја во која домаќинствата плаќаат најскапа струја во регионот, конкуренцијата при изборот на универзален снабдувач и е повеќе од потребна, а некои од компаниите кои ќе се јават на овој повик најавија дека ќе понудат далеку пониски цени од сегашните.
Кај источниот сосед граѓаните се снабдуваат од три компании кои се поделени по региони. „ЦЕЗ Бугарија“ ги снабдува граѓаните во западна Бугарија, „Енерго-Про“ во североисточниот дел на земјата, а „ЕВН“ ги снабдува со енергија граѓаните во јужноисточна Бугарија.
Хрватска има вкупно седум компании што се снабдувачи со струја и меѓу нив секогаш има разлика во цената. Словенечкиот пазар е целосно либерализиран и има пет компании што имаат лиценци за снабдувачи, што исто така влијае позитивно врз понудата, односно граѓаните добиваат пониски сметки.
Од земјите во регионот, најскапа струја плаќаат домаќинствата во С.Македонија, 100 киловати ги чинат 10,5 евра. По нас се граѓаните на Албанија, кои плаќаат 10,1 евра, додека најевтина електрична енергија во Европа имаат косовските домаќинства – 0,6 евра за 100 киловати. Србите и Црногорците плаќаат 0,96, а Босанците 0,87 евра за 100 киловати.
Според податоците на „Евростат“, во првата половина на 2023 година, семејствата во Албанија и во С. Македонија плаќаат повеќе за енергијата што ја трошат во споредба со другите земји во регионот.
За споредба, пак, развиените земји во ЕУ (со просек на БДП во Унијата што е шест пати повисок од С.Македонија по жител), плаќаат за енергијата трипати повеќе од земјите во регионот на Западен Балкан.
Според Регулаторната комисија за енергетика, секоја земја има специфични критериуми кои влијаат врз крајната цена на струјата како што се обемот на домашно производство на електрична енергија, увозната зависност, степенот на либерализација на пазарот, инвестициите во енергетската инфраструктура и инвестициите во обновливи извори на енергија.