вторник, март 19, 2024
spot_img
Повеќе

    Ковачевски: Инвестициите на Владата во зелената трансформација на земјата се движат во три насоки

    „Инвестициите на Владата во зелената трансформација на земјата се движат во три насоки, со што ќе се обезбеди национална енергетска независност.

    Првата е поврзување и диверзификација на енергенси за државата. Северна Македонија во моментов има само еден извор на гас, тоа е преку Република Бугарија, во тек е инвестиција на нов гасовод од Република Грција, како и уште еден гасовод од Република Бугарија“, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната панел дискусија „Северна Македонија како зелен енергетски хаб- како да се претвори кризата во можност“ во склоп на годишната конференција „Година на нови можности“.

    Како втор сегмент на инвестиции премиерот ги посочи обновливите извори на енергија. Освен фотоволтаици, кои периодот се доминантна инвестиција и на компаниите, исто така се инвестира и во мали хидроцентрали, ветерни централи, како и централи на биогас.

    „Минатата година се инсталирани обновливи извори на енергија над 150 мегавати што снабдува некаде околу 67.000 домаќинства со електрична енергија. Понатаму, Чебрен  е еден од клучните, историски проекти.

    Оваа година за прв пат после 14 неуспешни тендери, имаме понудувач којшто го помина првиот филтер“, рече Ковачевски на панелот.

    „Од клучна важност освен за економска независност, исто така и за економски напредок на земјата е третиот дел на инвестиции“, потенцираше премиерот.

    Тие се однесуваат на  унапредување на дистрибутивната и преносната електроенергетска мрежа преку граничното поврзување со сите земји од регионот.

    Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека Владата има зацртана стратешка определба да ја подобри диверзификацијата во снабдувањето со природен гас.

    Според него во таа насока е и одлуката на Владата за давање на согласност за вложувањето во ЛНГ Терминалот Александрополис од страна на АД НЕР, како и за  интерконекцискиот вод кон Република Грција, чијашто изградба се очекува и да започне во јуни 2023 година и истата да заврши во 2025 година.

    Останатите две интерконекции, со Србија и со Косово, се во фаза на изработка на проектна документација, односно визибилити студија и стратешка оценка на влијанието на животна средина.

    “Исто така со потпишувањето на Договорот за меѓусистемско поврзување за снабдување и дистрибуција на гас на Интерконективна точка Ќустендил-Жидилово помеѓу ГА-МА АД и Булгар-транс-газ ЕАД на крајот на минатата година, се овозможи Северна Македонија да може да се снабдува од повеќе извори на гас преку Бугарија.

    Успеавме да ги зголемиме сегашниот капацитет на гасоводот со Бугарија, со што се ослободија дополнителни капацитети за користење од повеќе снабдувачи и диверсификација на нашите извори на снабдување, како и користење на сите извори што во моментов се присутни пазарот на природен гас во Република Бугарија. Со овој договор се намалува зависноста од руски гас која што ја имаше земјата“ кажа Бектеши.

    Според него доколку целосно се оствари Националниот План за целосно гасифицирање на државата и нејзиното поврзување со соседите секако дека постои можност Македонија да постане енергетски хаб и да ги ужива придобивките од извозот на природен гас кон соседните земји.

    Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски кажа дека АД ЕСМ од 2019 година почна да ги спроведува проектите од енергетската транзиција односно енергетската трансформација, но дека во меѓувреме се случи енергетската криза.

    И покрај тоа како што кажа Ковачевски во тек e реализација на 12 проекти од страна на АД ЕСМ, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1760MW,  што е повеќе од постоечката инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM, од 1420MW во моментов.

    „Во 2019 АД ЕСМ ја купи и ја стави во функција когенеративната гасна електрана КОГЕЛ од 30MW, во април 2022 година пуштена е во тест производство 10MW Фотоелектрична централа Осломеј-1, во тек е постапката за изградба на  уште една сончева електроцентрала од 10MW во Осломеј, и на две фотонапонски електроцентрали од по 50MW или вкупно 100MW во Осломеј, како Јавно-приватно партнерство.

    Вкупно четири фотонапонски електрани од 280MW ќе се градат во РЕК Битола, исто така на локација на стари рудници, когенеративна гасна електрана од 250-400MW ќе се гради во РЕК Битола и ќе замени два блока од термоелектраната, а во тек е изградба на топловодот од РЕК Битола до Битола, Новаци и Могила, кој ќе обезбеди парно греење за институциите и жителите во трите општини.

    Важно е да се каже дека АД ЕСМ закупи 10% од капацитетот за течен гас во гасниот терминал во Александруполи, Грција, односно 550 милиони м3 течен гас годишно за период од 15 години.

    На крај е постапката по владиниот повик за избор на компанија која ќе ја гради хидроелектраната Чебрен, во Јавно-приватно партнерство со АД ЕСМ. Во тек се активности за заокружување на инсталираниот капацитет на ветерниот парк Богданци Втора фаза, со додавање дополнителни турбини, со инсталирана моќ од 14MW. Во тек е постапка во Трета фаза од ревитализација на хидроелектраните, во вредност на инвестицијата од 28 милиони евра“ кажа директорот на АД ЕСМ.

    Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски кажа дека оние што ќе градат фотоволтаични централи и оние кои што веќе изградиле ќе мора да инсталираат и батерии за складирање на електрична енергија, така ќе можат да ја користат струјата од Сонце и во текот на ноќта и ја најави новината за употреба на батерии за складирање при градба на фотонапонски централи.

    “Батериите за складирање на струја се всушност стратешка надоградба на инвестицијата. Во време кога енергетската транзиција доби на темпо поради енергетската криза, и интересот за инвестиции во обновливи во земјава го поистоветуваме како Елдорадо,  батериите ќе ја зголемат вредноста во користење на овие централи и ќе обезбедат да има струја во часовите кога нема Сонце. Батериите ќе бидат дел од инвестициите не само за новите, туку и за постојаните електроцентрали.

    Економиите во Светот и Европа се движи кон тоа. Ние сме знаменоносци на Сонцето.  Ако РЕК Битола беше еден од економските стожери што ни ја донесе независноста, денеска Сонцето ја јакне државотворноста. Енергетската независност како никогаш до сега се покажува како единствен непробоен штит во време на војна“, кажа Бислимоски.

    Професорот Антон Чаушевски кажа дека енергетската криза во Европа и кај нас донесе единствена поука дека, само земјите кои имаат поголемо домашно производство можат да се соочат побезболно со сите предизвици  од економскиот и  стопанскиот живот.

    „Во таа насока, нашиот енергетски систем во последната година беше насочен кон обезбедување кондициона способност на постојните термоенергетски и хидроенергетски капацитети, но и интензивна градба на технологии од обновливи извори на енергија. Секако, за долгорочно обезбедување стабилен енергетски систем, потребно е градба на нови хидроенергетски капацитети и гасни централи со континуирана градба и на технологиите на ОИЕ“ кажа професорот Чаушевски.

    Претседателот на Македонската енергетска асоцијација, проф. д-р Кочо Анѓушев кажа дека обновливите извори на енергија се иднината во енергетиката, тоа е факт и светски прифатен тренд и правец.

    “Од електрани од обновливи извори кај нас најпопуларни се фотоволтаичните, односно производството на електрична енергија од сонце, и тие забрзано се градат. Сончевите електрани се едни од производните капацитети кои се наведени и во Стратегијата за енергетика до 2040-та година и добро е што се инвестира во нив. Но, таа Стратегија треба повторно и внимателно да се препрочитува. Во неа стои дека во инвестирањето во обновливи извори треба да се оди плански и стратешки.

    Односно, да се инвестира и во електрани на сонце, и на ветер, на биогас, вода итн.

    Причината е што еден обновлив извор создава концентрација на електрична енергија во ист временски период кај сите електрани. Затоа мора да има диверзификација, за да нема целосно производствено поклопување.

    А кога ќе почне засиленото производство од обновливите извори и појавата на големи количини енергија во системот, државата мора да има спремен одговор, кој од сега треба да се подготвува.

    Тоа е да го изгради Чебрен, да се воведат батериски системи за складирање на електричната енергија и како нај иновативен пристап- вишокот електрична енергија да се претвора во водород и како таков да се складира”, додаде Анѓушев во своето обраќање.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ