Јавна расправа за оцена на влијание врз животна средина, а во врска со проект „Инсталирање на постројка за производство на електрична енергија во „Еуроникел индустри““, се одржа денеска во Кавадарци, согласно Законот за животна средина.
Беше кажано дека со реализација на планираните активности, ќе се активира работата на индустрискиот капацитет, што ќе овозможи економски развој на општината и пошироко и намалување на економската миграција. Се нагласи дека станува збор за најприфатлива техничко-технолошка метода на елиминирање на можните неповолни влијанија врз животната средина. Се работи за монтажни единици за производство на електрична енергија.
Присутните можеа да слушнат дека со реализација на овој проект, илјада вработени ќе ги задржат своите работни места, а уште најмалку илјада, кои надворешно го опслужуваат капацитетот, ќе продолжат со давање на услуги.
Роберто Паризов, претседател на регионалното еколошко друштво „Еко-живот“, се интересираше дали дозволата за работа ќе се добие истовремено и за течни горива и природен гас.
Тој рече дека, според него, населението не е среќно кога се појавува нов индустриски капацитет.
– Иако морам да нагласам дека ние како и населението, сме за тоа луѓето да работат и да заработуваат за своите семејства, категоричен беше Паризов, барајќи поголема вклученост за мислење на невладиниот сектор и населението, кога компании сакаат да инвестираат.
Тој апелираше исто така до надлежните, за редовен и ефикасен мониторинг врз работата на индустриските капацитети.
Пратеникот Панчо Минов рече дека е за тоа „Еуроникел индустри“ да работи, но истовремено изрази загриженост и за здравјето и животната средина, па посочи оти убаво е проектот да се реализира, но во прва прилика работата да биде на природен гас, кога гасот ќе биде достапен.
Инвестицијата е 30 милиони долари.