Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска го отвори првиот германски терминал за природен гас во северниот град Вилхелмсхавен.
– Со овие и други терминали за ЛНГ во изградба, Германија ќе стане независна од рускиот гас од гасовод – изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на отворањето на терминалот за ЛНГ во Вилхелмсхавен, северозападна Германија.
Германскиот канцелар ја пофали брзата изградба на терминали за течен гас што треба да ги замени испораките на природен гас од Русија.
– До пред само неколку месеци беше незамисливо до крајот на годината директно да увезуваме течен гас. Ова е најавената брзина со која сакаме да ја изградиме потребната инфраструктура – рече Шолц.
Централниот дел на терминалот е специјалниот брод „Höegh Esperanza“ долг речиси 300 метри, кој во иднина ќе го претвора течниот природен гас, испорачан со танкери, во гасовита состојба и ќе го внесува во германската гасна мрежа.
Шолц рече дека кога ќе се изградат другите три терминали во Лубмин, Брунсбутел и Стад, ќе може да се зборува за енергетската независност на Германија.
Досега Германија немаше терминали за увоз на течен гас, а одлуката за изградба е донесена по рускиот напад на Украина и драстичното намалување на испораките на руски гас.