вторник, март 19, 2024
spot_img
Повеќе

    Четири сончеви електрани ќе „никнат“ во РЕК „Битола“

    Како што информираат од ЕСМ, во тек се и подготовки за изградба и на гасна електрана во РЕК Битола, со почетна инсталирана моќност од 250 MW

     

    Изградба на четири фотонапонски електрани, со вкупна инсталирана моќност од 280 MW, во РЕК „Битола“, најавува ЕСМ.

    Првата електрана од 20 MW, како што се посочува, ќе биде лоцирана во самиот круг на комбинатот, веднаш до Термоелектраната. За оваа електрана, како што велат од ЕСМ, во тек е изработка на концептуален проект од страна на консултантот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Потоа ќе следува изработка на техничка спецификација и тендерска документација за избор на изведувач.

    Втората фотонапонска електрана од 60 MW ќе биде изградена на тлото на исцрпените наоѓалишта на јаглен во рудникот Суводол. Во тек е тендер за избор на најповолен консултант за изработка на фисибилити студија и студија за животна средина, а потоа ќе се имплементира проектот со, како што наведуваат од ЕСМ, најсоодветниот модел за финансирање. Средствата за изработка на студиите се од грант, обезбеден од KfW Банка.

    Третата сончева електрана од 100 MW ќе биде изградена исто така во рудникот Суводол, додека четвртата од 100 MW ќе биде лоцирана во рудникот Брод-Гнеотино.

    Во тек се и подготовки за изградба и на гасна електрана во РЕК Битола, со почетна инсталирана моќност од 250 MW, која ќе обезбедува и електрична енергија, но и топлинска енергија за Топловодот за Новаци, Могила и Битола, кој во моментот се гради.

    Сите наведени проекти ја претставуваат енергетската транзиција на РЕК „Битола“ и се инвестиции кои во следната декада треба да го заменат производството на електрична енергија од јаглен, паралелно прекфалификувајќи ги и вработените за работа во нови типови на производни капацитети, велат од ЕСМ.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ