петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Бислимоски: Пазарот за природен гас и од 1 јануари ќе продолжи да функционира

    Пазарот за природен гас и од 1 јануари ќе продолжи да функционира. Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) има издадено околу 12 лиценци за трговија и снабдување со природен гас, значи од тој аспект имаме учесници на пазарот коишто можат да учествуваат, порача денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

    -Најголемиот потрошувач на нашиот пазар за природен гас е ТЕ-ТО и ТЕ-ТО своите потребни количини од природен гас ги има обезбедено и за 2023 година и тоа е некаде околу 70-75 проценти од вкупната потрошувачка на природниот гас во државата. Штом ТЕ-ТО има обезбедено природен гас се разбира дека ќе се обезбеди природен гас и за потрошувачите во државата и за топланите, рече Бислимоски во одговор на новинарско прашање на јавната расправа за предлог подзаконските акти за снабдување со природен гас во Стопанската комора.

    Посочи дека сите учесници на пазарот беа повикани цело време да го следат текот на припремата на новите подзаконски акти и беа информирани дека од 1 јануари тие ќе стапат во сила и оти сите учесниците на пазарот на природен гас треба да учествуваат според новите правила што ќе бидат важечки од 1 јануари.

    -Државата го има договорот со Газпром и апсолутно си го почитува до крај. Овој дополнителен капацитет од 500 илјади нормални кубни метри за којшто помогнаа Булгартрансгас и ГА-МА да се зголеми, ќе биде предмет на аукција и за тој капацитет ќе може да се јават, а и веќе се јавиле од бугарска страна двајца трговци со природен гас коишто го закупиле. Тие штом го закупиле сигурно дале пари за тоа се и заинтересирани да влезат и на нашиот пазар за природен гас. Значи, тие 800 илјади нормални кубни метри остануваат во функција и Газпром преку компанијата Макпетрол може да ги стави на располагање на македонските потрошувачи, рече Бислимоски.

    Директорот на АД НЕР, Бајрам Реџепи рече дека целта на Владата била на најбрз начин да се овозможи снабдување со гас од повеќе извори.

    „На 30 октомври беше потпишан договорот со ‘Булгартрансгас’ со кој што се овозможи зголемување на капацитетот за пренос низ нивната мрежа за околу 500 илјади метри кубни на гас дневна потрошувачка и штом во овие капацитети ќе влегува и друг тип на гас, неминовно беше донесувањето на овие подзаконски акти со кои на европски начин го регулираат пазарот на пренос на природен гас“, рече тој.

    Реџепи, пак, во одговор на новинарско прашање рече дека е апсолутно неточно дека тендерот се мести за една бугарска фирма блиска до СДСМ и една турска блиска до ДУИ кои треба да бидат главни во бизнисот со гас.

    -Апсолутно не, тоа е неточно, нагласи Реџепи.

    Реакција на Макпетрол

    Причината за повлекувањето на Макпетрол е договорот за интерконекција меѓу домашниот оператор „ГА-МА“ и бугарскиот „Булгартрансгас“, кој стартува од нова година. За Макпетрол тој е избрзан и неприменлив. За Владата, со него се отвораат можности за снабдување и од други извори освен рускиот гас, па ова го претстави како крај на монополот и почеток на либерализација на пазарот со природен гас. Поради ова, министерот за економија Крешник Бектеши, овој потег на Макпетрол го нарече неодговорен. Од Макпетрол денеска демантираат.

    „Повеќе од 40 компании во Македонија имаат лиценци за увоз на природен гас, што целосно ги демантира тврдењата на министерот за економија, Крешник Бектеши, дека „Макпетрол“ има монополска позиција на овој пазар. Оваа изјава, како и низа други кои што од негова страна беа пласирани, служат само за да ја дефокусираат јавноста од главниот проблем – дека државата и нејзините институции популистички се фалат оти пазарот со природен гас е либерализиран, а притоа земјата ниту има сертифициран оператор, ниту се донесени нужните подзаконски акти, ниту се вопоставени правилата на функционирање“, велат од Макпетрол.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ