петок, мај 3, 2024
spot_img
Повеќе

    Бислимоски: Цената на струјата за домаќинствата ќе ја кажува универзалниот снабдувач

    Новата одлука за цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи  ќе ја објави Универзалниот снабдувач – ЕВН хоум, откако претходно Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе направи проверка дали е соодветно пресметана.

    -Регулаторната комисија за енергетика со новата одлука во декември ќе стартува да ја применува ЕУ практиката според која како обврска на регулаторот е дефинирање на тарифите за пренос и дистрибуција, а крајната цена во која влегуваат сите елементи ќе ја соопшти Универзалниот снабдувач – ЕВН хоум, изјави денеска за МИА претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

    Тој прецизира дека РКЕ ќе направи проверка дали цената е соодветно пресметана и ќе укаже каде има потреба од корекции ако има отстапувања. Но формулата, како што истакнува, е јасна за сите енергетски компании.

    Ниту едно регулаторно тело, вели Бислимовски, не ја кажува крајната цена, освен во Србија, можеби и Косово.

    -Регулаторот е да регулира тарифи за пренос и дистрибуција. Ќе ја објави ЕВН хоум , а претходно ќе ја контролира РКЕ каде ќе се проверува дали ќе бидат правилно применети тарифните системи, објаснува Бислимоски.

    Како што изјави вчера, ќе нема промена на опсегот на четирите блок тарифи за електричната енергија на регулираниот пазар и покрај  забелешките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

    – Блоковите и нивниот опсег нема да се намалат. Не е тоа решение. Блоковите даваат резултати. Воведената реформа има ефект и има заштеди од 16 отсто. Дури и тоа што беше потопла зимата има удел, но сепак до овој процент е стигнато со штедење на домаќинствата и факт е дека потрошувачката е намалена, рече Бислимоски во ТВ гостување.

    Според него, намалувањето на субвенциите што ги даваше Владата за електричната енергија е логичен след затоа што, како што рече, оваа година, по завршувањето на грејната сезона немаме потреба од ТЕЦ Неготино и големите набавки завршија. Воедно, посочи тој,  имаме и постабилна и попредвидлива состојба со цените на електричната енергија на берза.

    Сепак, какви сметки ќе плаќаат граѓаните од јануари најмногу ќе зависи од тоа по која цена ЕСМ ќе ја продава својата струја на ЕВН хоум, која сега изнесува 53 евра за мегават час. Според, владини извори, најверојатно ќе се намали затоа што за тоа има простор, но се уште е рано да се зборува. Се подготвува и нов повик за Универзален снабдувач на електрична енергија за малите потрошувачи и домаќинствата, затоа што на ЕВН му истекува петгодишниот договор. Дали ќе остане австриската компанија или пак може би ќе биде ЕСМ Продажба или некој  друг, ќе се знае до крајот на годинава. По правило оној кој ќе понуди најниска маржа, треба да биде новиот универзален снабдувач.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ