вторник, април 30, 2024
spot_img
Повеќе

    Бектеши: Треба да се репреговара со еден од четирите стратешки инвеститори во делот на енергетиката

    Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека треба да се репреговара со еден од вкупно четирите стратешки инвеститори во делот на енергетиката за кои согласно Законот за стратешки инвестиции Владата до Собранието достави предлог закони за реализација на стратешките инвестициски проекти, по скратена постапка, кои веќе го поминаа првиот собраниски филтер. За него, како што вели, е спорно да се дава директна државна помош од страна на Владата за профитабилни инвестиции и ако е потребно и формално правно Министерствтоо за економија ќе бара враќање на одредени решенија во владина процедура за да се преговараат од почеток.

    „За мене е спорно, а тоа го слушаме и од експертите и анализите кои ги правиме, за лиценцирани, рентабилни, профитабилни инвестиции да се дава директна државна помош од страна на Владата. Зошто ова го кажувам, поради тоа што мислиме дека таквите инвестиции кои веќе имаат еден вид на државна помош, индиректна, било тоа да се фидинг тарифи или договори за откуп на електрична енергија, веќе ја користат државната помош од страна на Владата“, рече Бектеши одговарајќи на новинарски прашања на прес конференција.

    Тој посочи дека двојна државна помош би била спорна согласно тоа што го добиваат во делот на анализите.

    „Не знам дали има ваков пример, не во регионот, туку и во другите држави, една инвестиција да има два или три вида државна помош. За една да, и тоа го прават сите држави во светот. Но, да има две или три, мислам дека тоа би било спорно и дека треба многу внимателно да се гледаат тие предлози и барања од стратешките инвеститори“, нагласи Бектеши.

    Тој објасни дека согласно стратегијата за развој на енергетиката, како и од законските прописи кои произлегуваат од Законот за енергетика, и оние кои допрва ќе произлезат со оглед дека во подготовка е нов закон за обновливи извори на енергија, има уредби и правилници кои утврдуваат начини на поддршка за поттикнување на инвестиции во делот на обновливи извори на енергија.

    „Што значи ова. Претходно имавме механизми и мерки во вид на фидинг тарифи со цена која беше утврдена за одреден период и сега ги сменивме каде што дополнително дадовме можност за нашата државна компанија, во овој случај ЕСМ, да може да склучи и договори за откуп на електрична енергија согласно критериумите кои се во интерес на ЕСМ и согласно динамиката за производство на електрична енергија од страна на ЕСМ. Тоа за мене не е спорно, бидејќи тоа е во рамки на преговорите кои генерално ги прави ЕСМ за нивните потреби кои го снабдуваат универзалниот снабдувач, а воедно и малите потрошувачи“, рече Бектеши.

    Запрашан дали конкретно станува збор за инвестицијата „Митилинеос“, за која се предвидени и даночни олеснувања, задолжителен откуп на електрична енергија, но и директна државна помош од 50 милиони евра, Бектеши одговори дека не би сакал да ја наведе компанијата заради тоа што не би било фер од негова страна.

    На дневниот ред на 140. седница на Собранието се ставени Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект „Митилинеос“, когенеративна постројка Скопје, по скратена постапка, Предлог-законот за реализација на Стратешкиот инвестициски проект „Соларен парк Стипион“ и Договор за стратешки инвестициски проект „Соларен парк Стипион“, по скратена постапка, Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ, по скратена постапка и Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект соларна електрична централа – Пехчево, по скратена постапка.

    Здружението на инженери на Република Македонија (ИНРМ) пред почетокот на седницата достави допис и упати електронска порака до секој пратеник во Собранието поединечно, со кои бараат да не даваат поддршка на четирите, како што велат, штетни предлог закони за реализација на стратешки енергетски инвестициски проекти зашто го нарушуваат енергетскиот суверенитет на државата.

    Сепак, предлог законите веќе го поминаа првиот филтер во Собранието со 58 гласа „за“ и 31 „против“ и ќе одат на расправа во матичните комисии за економски прашања и законодавно правната по што ќе се носат по скратена постапка.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ