четврток, јули 25, 2024
spot_img
Повеќе

    Бектеши: Нема да оставиме енергетската криза да биде на товар на граѓаните

     Министерот за економија Крешник Бектеши денеска најави дека од 1 јануари ќе има пониски цени за струја за домаќинствата и за малите потрошувачи. Регулаторната комисија за енергетика ги објави новите цени на електрична енергија кои ќе важат од 1 јануари 2023.

    -Нема да оставиме енергетската криза да биде на товар на граѓаните. Од 1 јануари, пониски цени на електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи, напиша на својот Фејсбук профил министерот Бектеши, откако Регулаторната комисија за енергетика ги објави новите цени на електрична енергија.

    Како што напиша министерот Бектеши, согласно одлуката на Регулаторната комисија кај домаќинствата цената на електрична енергија за првиот блок се намалува за 4,11 отсто, за вториот блок, се намалува за 2,95 проценти, цената на третиот блок се зголемува за 0,85 отсто, за четвртиот блок цената на електричната енергија се зголемува за 7,65 отсто.

    -Вкупно 99,2 отсто од домаќинствата во државата ќе имаат намалени цени на електрична енергија, напиша Бектеши.

    Вкупната цена за електрична енергија на малите потрошувачи, од 1 јануари се намалува за 20,15 отсто, а оваа цена ќе се применува за 70.000 компании во државата.

    -Со овие одлуки цената за пренос на електрична енергија се намалува за 8,66 отсто. Цената за дистрибуција се намалува за 19,54 отсто, напиша министерот на својот Фејсбук профил, соопшти Министерството за економија.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ