понеделник, април 29, 2024
spot_img
Повеќе

    Бектеши за бугарската такса на рускиот гас: Уцени не се прифатливи

    Министерот за економија, Крешник Бектеши, ќе бара отштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија откога Бугарија воведе такса за природниот гас што се испорачува преку нејзина територија. Бектеши вели дека тоа би ја зголемило цената на гасот што во земјата го користат компаниите, но уверува дека додека е тој министер, нема да дозволи уцена од никого.

    Според Бектеши, земјава  има право на ослободен капацитет на актуелниот гасовод што не поврзува со Бугарија за кој Гаспром плаќа закуп. Тој додаде дека Северна Македонија ќе бара отштета доколку наиде на условување.

    -Во делот на гасоводот со Србија, не се закупени капацитетите од страна на Гаспром, а тоа Бугарија го знае. Србија и другите држави можат да користат други извори, освен рускиот гас, за да бидат снабдувани. Во однос на нашата држава, тие сами го дале гасоводот под закуп на Гаспром до 2030 година, освен последните што беа ослободени. Ние минатата година ослободивме неколку количини во делот што го имаме од договорот со Бугарија. Меѓутоа, Бугарија има барање да имаме втор гасовод. Ние до крајот на годината ќе започнеме со изградба на вториот гасовод со Грција, што е приоритет и е целосно поддржан од страна на ЕБОР, ЕИБ и од нашите стратешки партнери. Затоа бараме веднаш да бидат ослободени капацитетите и ние да бидеме снабдувани и од други извори, вклучувајќи го тука и Азербејџан –  рече Бектеши.

    Ваквото однесување на Бугарија министерот Бектеши го изедначи со уцена за која вели дека нема да им помине.

    -Да уцениш друга држава на ваков начин е неприфатливо и спротивно на начелата на работа на ЕУ. Бугарија треба да ги укине механизмите.Тие уцени нема да им поминат и ние ќе продолжиме да ги диверзифицираме изворите на снабдување. И тука нема да има компромис. Во делот на ослободување на капацитетите – тоа се начела на либерализација што ги бара ЕУ. Не може таксата да важи само за една земја – рече Бектеши.

    Поради ваквото неприфатливо однесување, Бектеши најави дека ќе бара отштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија имајќи предвид дека другите држави околу нас имаат можност да се снабдуваат со гас и од други извори.

    Таксата за рускиот природен гас што се испорачува преку нејзина територија Бугарија ја воведе на почетокот на минатата недела. Таксата изнесува 10,23 евра за мегават-час за гасот што транзитира на нивната територија.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ