четврток, мај 2, 2024
spot_img
Повеќе

    АД ЕСМ целосно го снабдува регулираниот пазар, набавките на енергија се наменети за дополнителните снабдувања

    АД ЕСМ има законска обврска да го снабдува регулираниот пазар, односно домаќинствата и малите потрошувачи, и истото го прави по задолжение од Влада во 100 проценти, иако законот за 2022 година предвидува 60 проценти снабдување. Стопроцентното снабдување е со цел да не дојде дo зголемување на крајната цена за граѓаните, се вели во реакцијата на компанијата на објавата на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на неговиот фејсбук-профил.

    Набавките на електрична енергија коишто се прават, се наменети за дополнителните снабдувања кои АД ЕСМ ги врши по задолженија добиени од Владата, според кои со дел од преостанатата произведена електрична енергија, а дел набавена, потребно е да се снабдат количините за техничките загуби на енергија при дистрибуција во мрежата на Електродистрибуција и во мрежата на МЕПСО, исто така по пониска цена за да не дојде до покачување на крајната цена на струјата за граѓаните.

    -По препораки од Владата, АД ЕСМ преку ЕСМ Продажба исто така снабдува одреден број витални објекти, како болници, клиники, детски градинки и субјекти од значење за државата. Во планот на АД ЕСМ предвидени беа одредени набавки за октомври, ноември и декември. За октомври беа предвидени 48.000 MWh, но се набави 0, односно немаше набавка на струја. За ноември беа планирани 72 000 MWh, а се набавија 87.000 MWh. За декември се планирани 48.000 MWh, а се уште не се знае колку ќе се реализира, велат од АД ЕСМ.

    Во однос на начинот на плаќање на електричната енергија при нејзина набавка, од компанијата нагласуваат дека таа секогаш се плаќа авансно и оти наведениот начин се користел и во времето кога Христијан Мицкоски бил директор на ЕЛЕМ и ги вршел набавките.

    Претходно денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави дека за 23 дена во Ноември АД ЕСМ (поранешно АД ЕЛЕМ) потрошило околу 23.000.000€ за увоз на струја.

    Христијан Мицкоски го објави следниот статус на Фејсбук:

    „За 23 дена во Ноември АД ЕСМ (поранешно АД ЕЛЕМ) потрошило околу 23.000.000€ за увоз на струја. Дневно се трошеле по 1.000.000€ само за увоз на струја.

    Да ги видиме фактите!

    1. За периодот од 7ми до 13ти Ноември увезени се вкупно 16.800MWh струја по вкупна цена од 3.614.440€.

    2. За периодот од 14ти до 20ти Ноември увезени се вкупно 21.770MWh струја по вкупна цена од 5.414.528€.

    3. За ден 18ти Ноември увезени се вкупно 3.600MWh струја по вкупна цена од 904.075€.

    4. За периодот од 21ви до 27ми Ноември увезени се вкупно 32.060MWh струја по вкупна цена од 8.009.093€.

    5. За периодот од 28ми до 30ти Ноември увезени се вкупно 13.740MWh струја по вкупна цена од 4.918.933€.

    За само 23 дена во Ноември увезени се 87.970MWh струја за вкупна цена од 22.861.069€ или просечно секој MWh увезена струја граѓаните на Македонија го плаќале околу 260€.

    Незнаењето и корупцијата продолжуваат и во првите 4 дена во Декември. За периодот од 1ви до 4ти Декември АД ЕСМ ќе увезе нови 23.240MWh струја и истите ќе ги плати АВАНСНО (слика 1)!. Оваа набавка, граѓаните ќе ги чини за само 4 дена околу 8.000.000€ или просечно нови 2.000.000€ дневно.

    Авансно плаќаат со народни пари за авансно да добијат провизии. Одговорност ќе има!!“.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ