вторник, април 30, 2024
spot_img
Повеќе

    На некоја од наредните седници Владата ќе расправа за цената на струјата и за евтината тарифа

    Владиниот портпариол вели дека цените на енергенсите на светските берзи се во постојан пораст и дека има недостиг на електрична енергија, така што сите тие аспекти ќе се земат предвид кога ќе се носи одлуката

     

    Владата досега не разговарала за цената на струјата од почетокот на новата година, ниту за тоа дали ќе остане евтината тарифа. Но, се очекува тие теми да се отворат на некоја од наредните седници.

    „На владина седница не е разговарано за понудата на ЕСМ за цена на струјата кај универзалниот снабдувач и информациите во јавноста за тоа колку проценти таа ќе поскапи се непотврдени. Не е разговарано ни за тоа дали ќе остане или не евтината тарифа од 1 јануари“, рече портпаролот на Владата, Душко Арсовски, на прес-конференција, на која го соопшти  предлогот за шест месеци, односно до 9 јуни 2022 година, да биде продолжен рокот на кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија.

    „Досега на владините седници не е разговарано за ова, така што сите тие бројки се, сепак, во сфера на непотврдени информации. До моментот додека Владата не донесе конечна одлука, немаме конкретен процент на поскапување“, рече Арсовски.

    Додаде дека тоа прашање, како и за евтината тарифа на струјата, ќе бидат затворени на некоја од наредните владини седници, на која, како што рече, ќе се разговара за сите предлози и опции заедно со анализата доставена од ЕСМ.

    Притоа рече дека цените на енергенсите на светските берзи се во постојан пораст и дека има недостиг на електрична енергија, така што сите тие аспекти ќе се земат предвид кога ќе се носи одлуката.

    „Она што го имаме како информација е дека фокусот на ЕСМ е на зголемувањето на домашното производство на електрична енергија и да има континуитет во производството. Токму затоа е засилен РЕК ‘Битола“ и ископот на јаглен за потребите на стабилно обезбедување на електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи. Обезбедени се дополнителни 90 000 тони јаглен од Албанија за почеток на производство на струја за стопанството по подостапни цени од моменталните на берзите. За истата намена последниот јавен повик објавен деновиве за набавка на 810 илјади тони јаглен ќе биде отворен во текот на целата 2022 година“, рече владиниот портпарол.

    Тој додаде дека, по едномесечен ремонт, денеска почна со пробна работа и РЕК „Осломеј“ и дека и за таму се обезбедува дополнителен јаглен.

    Дел од стратегијата за справување со енергетската криза е и активирање на ТЕЦ „Неготино“, посочи Арсовски.

    „Распишан е јавен оглас за набавка на мазут. По набавката и доставата на мазут, ТЕЦ ‘Неготино“ ќе се вклучи во производство, додаде Арсовски.

    Владата денеска соопшти дека ќе достави до Собранието предлог-одлука за продолжување на рокот за постоење кризна состојба во наредните шест месеци и дека целта е да се обезбеди континуитет во спроведувањето на мерките и активностите за надминување на состојбата во снабдувањето со електрична енергија.

    Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ најави поддршка за овој предлог, доколку  Владата ги прифати двете активни мерки што ги предложи опозициската партија.

    „Денеска имавме прес-конференција во парламентот каде што предложивме две активни мерки: Првата е субвенција на сметките за електрична енергија на граѓаните и стопанството во вредност од 15 милијарди денари или минимум 250 милиони евра како дополнение на оние првичните 4 милијарди и 65 милиони за да не дојде до ценовен шок и да не дојде до зголемување на сметките за електрична енергија на граѓаните и домаќинствата. Втората мерка што веднаш ја бараме од Владата е да ја покрие разликата на сметките што ги добиваат единиците на локална самоуправа, односно општините, поради тоа што голем број на снабдувачите ги откажуваат договорите, а сега тие мора да плаќаат и двојно и тројно повисоки сметки за електрична енергија. Ова се двете клучни мерки што треба Владата веднаш да ги преземе. Доколку тоа го преземе владата ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи продолжување на кризната состојба поради лошата енергетска состојба во државата наметната поради неспособноста на оваа влада, а за која што алармиравме уште летото во мај и јуни месец“, истакна Мицкоски.

    Владата ќе достави до Собранието Предлог-одлука за продолжување на рокот на кризната состојба за уште шест месеци

    НАЈНОВИ ВЕСТИ