четврток, април 25, 2024
spot_img
Повеќе

    Владата ќе достави до Собранието Предлог-одлука за продолжување на рокот на кризната состојба за уште шест месеци

    Владата ќе достави до Собранието на Република Северна Македонија Предлог-одлука за продолжување на рокот за постоење кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во наредните шест месеци, односно до 9 јуни 2022 година.

    На денешната 123-та седница на Владата, што се одржала преку интернет комуникациска врска, бил утврден текстот на Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на Република Северна Македонија, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија.

    – Предлогот за продолжување на рокот на кризната состојба има за цел да обезбеди континуитет во спроведувањето на мерките и активностите за надминување на состојбата во снабдувањето со електрична енергија, се наведува во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста.

    Претходно, демеска, ВМРО-ДПМНЕ бараше да се закаже собраниска седница на која ќе биде продолжена енергетската кризна состојба. Владата на 9 ноември донесе одлука за прогласување енергетска кризна состојба со рок на траење од 30 дена, а истата би требала да заврши на 08 декември годинава.

    Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека повеќе од јасно е дека енергетската криза ќе трае подолго од 30 дена и затоа ќе треба да биде продолжена.

    „Како Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека граѓаните не смеат да бидат жртви на неизвесноста од тоа кои имаат мнозинство во Собранието на Република Македонија и затоа бараме да се закаже седница на Собранието на која ќе биде продолжена енергетската кризна состојба, а ние како пратеничка група со нашето присуство ќе помогнеме за обезбедување на кворум за истата“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ