петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    ЕСМ мора да најде начин да го зголеми производството, вели претседателот на РКЕ

    Бислимовски, во гостување на Телма, рече дека не може да има различен третман за компаниите и општините и дека не е фер што општините дополнителното трошење на електрична енергија сакаат да го стават во регулираниот пазар

     

    Прогнозите на берзите за електрична енергија се исклучително лоши, предупредува претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, нагласувајќи дека ЕСМ оваа година мора да го зголеми производството.

    „ЕСМ мора да го зголеми производството оваа година, споредено со лани. Нека се снајдат. ЕСМ мора да обезбеди 100 отсто од потребите на регулираниот пазар, за да не дојде до увоз. Ја кажувам реалната ситуација и какви проблеми ни прават општините и одредени компании. Владата повторно ќе треба да ја помогне работата на ЕСМ доколку има потреба“, рече Бислимовски во гостување на „Топ тема“ на Телма.

    Тој рече дека моментно се бележат 105 милиони евра непланирани трошоци за електрична енергија, од кои 30 милиони евра отпаѓаат на општините.

    „Другиот дел е на компании кои потпишуваат фиктивни договори со некои општини за да останат или се вратат на регулираниот пазар, иако не исполнуиваат критериуми, наместо да одат да набават струја на слободниот пазар. Такви трендови мора да престанат и при носење на одлука за цената на електричната енергија нема да дозволиме тој товар да падне врз грбот на граѓаните“, изјави Бислимовски.

    Тој нагласи дека компаниите кои задолжително набавуваат струја од слободниот пазар не прават малверзации како општините. Најголем дел од нив инвестираат и поставуваат фотоволтаици и намалуваат трошоци.

    „Зошто општините не ги искористат крововите на училиштата, градинките и установите за тоа“, праша Бислимовски.

    Тој додаде дека не може да има различен третман за компаниите и општините и дека не е фер што општините дополнителното трошење на електрична енергија сакаат да го стават во регулираниот пазар, со што на крај сметката ќе ја платат граѓаните.

    Бислимовски соопшти дека потрошувачката на јавното осветлување во земјата е околу 90 милиони киловат часови, од кои само околу два милиони досега биле на регулиран пазар. Како што рече, сега сите 90 милиони ќе бидат на регулиран пазар, со што се предизвикува трошок од околу 30 милиони евра.

    „Треба да кажеме отворено дека ова мора да престане. Во тие општини живеат граѓани, кои со овој потег на општините ќе имаат повисоки цени на електрична енергија“ рече Бислимовски.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ