сабота, април 27, 2024
spot_img
Повеќе

    ЕСМ ги потпиша договорите со БЕГ, ќе соработуваат преку врзани потписи

    Од АД ЕСМ информираат дека средствата што ќе ги добијат од Владата за справување со кризата со снабдување на топлинска енергија, ќе се уплатуваат повремено, во потребни износи, на посебна наменска сметка

     

    АД ЕСМ ги потпиша договорите за деловно-техничка соработка со трите правни субјекти на „Балкан Енерџи“ (Производство, Дистрибуција и Снабдување).

    Договорот предвидува влегување на АД ЕСМ во раководењето на „Балкан енерџи ДООЕЛ – Скопје“ преку назначување прокуристи, лица вработени во АД ЕСМ, чиј потпис ќе биде врзан со потписот на управителите на БЕГ. Сите одлуки, договори и плаќања ќе се реализираат со два потписи. Без согласност на прокуристот од АД ЕСМ, БЕГ нема да смее да врши исплати и да склучува договори.

    Од АД ЕСМ информираат дека средствата што ќе ги добијат од Владата за справување со кризата со снабдување на топлинска енергија, ќе се уплатуваат повремено, во потребни износи, на посебна наменска сметка што БЕГ ќе ја отвори и од која исплатите ќе се вршат со врзан потпис.

    „Средствата од шест милиони евра кои наменски се одредени од Владата за справување со кризата со топлинска енергија, ќе бидат искористени за набавка на гас за производство на топлинска енергија во Балкан енерџи, за набавка на топлинската енергија што се презема од производителот ТЕ-ТО и за други трошоци исклучиво поврзани со производниот процес“, велат од ЕСМ.

    БЕГ секојдневно ќе ги префрла на наменската сметка и сите свои приливи од другите нивни сметки, а додека трае договорот за деловно-техничка соработка, исплатите кон трети лица ќе ги врши исклучиво преку наменската сметка и со врзан потпис  и од прокуристот од АД ЕСМ.

    „Балкан енерџи гарантира за вложените средства добиени од државата со меница потпишана од основачот на компанијата. Враќањето на средствата кон  ЕСМ ќе се реализира во 2023 година, по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за определување на трошоците за грејната сезона, наведува  ЕСМ во соопштение.

    ЕСМ ќе поднесува месечни финансиски извештаи до Владата за потрошените средства  за справување со кризата со топлинска енергија и за комплетното работење за време на привременото управување.

    Од АД ЕСМ појаснуваат дека Владата ја задолжила оваа енергетска компанија да ја преземе обврската за кризно менаџирање со снабдувањето со парно греење во Скопје затоа што станува збор за најголема државна енергетска компанија и преку неа може да се управува со средства од државниот буџет. Исто така компанијата поседува и свој систем за снабдување со топлинска енергија на еден дел од Скопје и располага со ресурси и кадри за да го преземе менаџирањето на целокупното снабдување на градот.

    „Целта на воведувањето на кризното менаџирање со снабдувањето со топлинска енергија е да се овозможи парно греење до крајот на грејната сезона, со оглед на тоа што снабдувачите се изјаснија дека немаат средства за набавка на гас за призводство на топлина по екстремниот скок на цената на гасот. Влегувањето на АД ЕСМ и на државата во снабдувањето со гас овозможи да се спречи дополнителено продлабочување на кризата со снабдување и со електрична енергија, со оглед на тоа што во недостиг на парно греење граѓаните би се префрлиле на греење на струја, а со тоа би дошло до енормно зголемување на потрошувачката на електрична енергија“, наведуваат од АД ЕСМ

    НАЈНОВИ ВЕСТИ