сабота, април 27, 2024
spot_img
Повеќе

    ТЕЦ „Неготино“ ќе се рестартира по 12 години, за времено дополнително производство на струја

    Владата даде согласност да се склучи договор за деловно-техничка соработка меѓу  ЕСМ и ТЕЦ „Неготино“ за набавка на мазут и за производство на електрична енергија, во периодот декември 2021 – април 2022 година, со можност за понатамошна соработка ако за тоа има потреба

     

    Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) да го активира ТЕЦ „Неготино“ за времено дополнително производство на електрична енергија во услови на енергетска криза, одлучи Владата.

    „Владата даде согласност да се склучи договор за деловно-техничка соработка меѓу АД ЕСМ и АД ТЕЦ ‚Неготино’ за набавка на мазут и за производство на електрична енергија, во периодот  декември 2021 – април 2022 година, со можност за понатамошна соработка доколку за тоа има потреба. Според овој договор, кој ќе ги регулира правата и обврските на двете страни, ЕСМ ќе ја набави потребната количина мазут за функционирање на ТЕЦ ‘Неготино’ и ќе ја преземе целокупната произведена електрична енергија“, соопштија од Владата.

    Произведената електрична енергија во ТЕЦ „Неготино“, како шти велат од ВЛдата, ЕСМ ќе ја искористи во еден дел за потребите за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи во случаи на кусоци, дел ќе понуди за потребите на АД МЕПСО, додека вишокот електрична енергија, ЕСМ „Продажба“, преку Стопанската комора, ќе ја понуди на продажба на слободниот пазар на домашните стопански субјекти, по цени пониски од цените на берзата.

    Владата на Северна Македонија, како што информираа оттаму, ќе ја помогне набавката на мазут потребен за период од еден месец, во што ќе учествува и ЕСМ со свои средства.

    „Обртните средства кои ќе се остварат со производството на електрична енергија во првиот месец, ќе бидат искористени од  ЕСМ за набавка на мазут за понатамошно производство, доколку од истото има потреба, додадоа од Влада.

    Со оваа одлука, како што посочија од Влада, ќе се овозможи зајакнување на домашниот електро-енергетски систем, зголемување на домашното производство на електрична енергија, а со тоа зголемување и на БДП, а ТЕЦ „Неготино“, кој 12 години беше ладна резерва, ќе биде ставен во функција и ќе даде економски придонес за државните енергетски компании и стопанството во услови на глобална енергетска криза.

    „Цената на електричната енергија на берзите секојдневно расте и во моментот изнесува 283 евра за мегаватчас. Со сегашната регулирана цена на мазутот од 36 денари за колиграм, производната цена на ТЕЦ „Неготино“, доколку работи со еден котел ќе изнесува околу 175 eвра за мегаватчас, додека ако работи со два котла ќе изнесува околу 150 eвра за мегаватчас, велат од прес-службата на Владата.

    ТЕЦ „Неготино“ има вкупен расположив капацитет за производство од 180 мегавати, што е приближно еден блок на РЕК „Битола“.

    Државната термоелектраната „Неготино“ е изградена во 1978 година, а последен пат работела во 2009 година. Целокупниот процес на рестартирање на ТЕЦ „Неготино” ќе подлежи на пробен период и проверка на сите функционалности на опремата.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ