сабота, април 27, 2024
spot_img
Повеќе

    И ТИРЗ почна со редукции на струја

    Се редуцира уличното осветлување во делови од зоните, а целосно се исклучени и надворешните светлечки табли во Дирекцијата

     

    Министерот за финансии вели дека од Буџетот за 2021 година веќе се префрлени четири милијарди денари на АД ЕСМ за обезбедување дополнителни количества електрична енергија

     

    Дирекцијата на Технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) започна со редукција на уличното осветлување во делови од ТИР-зоните низ државата, а целосно се исклучени и надворешните светлечки табли во Дирекцијата, како придонес во надминувањето на кризната состојба во енергетскиот сектор.

    Како што соопшти Дирекцијата на ТИРЗ, редуцирањето на уличното осветлување се прави во соработка и консултација со компаниите во зоните и се применува во одредени делови за кои се смета дека осветлувањето не е неопходно и нема да го наруши нивното функционирање. Оваа мерка, додаваат, ќе се спроведува за време на триесетдневната кризна состојба прогласена од Владата.

    „Дирекцијата на ТИРЗ, како општествено одговорна институција, сака да ги да ги поттикне и останатите институции во земјата да го следат ваквиот конкретен пример на солидарност во справувањето со енергетската криза. Истовремено ТИРЗ апелираше и до компаниите во зоните да се приклучат кон оваа иницијатива за заштеда на електрична енергија со цел заеднички да придонесеме кон поефикасно надминување на енергетската криза со која се соочува земјата. Веруваме дека со ваквата постапка ТИРЗ ќе ги мотивира и сите сограѓани за рационално искористување на електричната енергија во претстојниот период“, се наведува во соопштението.

    Владата на седницата на 9 ноември прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена, со цел успешно справување со предизвиците настанати од глобалната енергетска криза.

    Министерот за финансии Фатмир Бесими, во интервју за МИА, вели дека дека се преземаат соодветни чекори за ублажување на последиците од енергетската криза. Од Буџетот за 2021 година веќе се префрлени четири милијарди денари на АД Електрани на Македонија (ЕСМ) за обезбедување дополнителни количества електрична енергија, вклучително и балансна енергија.

    „ Во насока на ублажување на последиците од оваа енергетска криза, која е со пошироки размери и не ја опфаќа само С Македонија се преземаат соодветни чекори. Веќе е прогласена кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија и се преземаат мерки и активности насочени кон обезбедување дополнителни количини електрична енергија, вклучително и балансна енергија и резерва на активна моќност согласно утврдената кризна состојба“, истакна Бесими во интервјуто.

    Тој додаде дека, дополнително, за заштита на најранливите категории, Министерството за труд и социјална политика, во координација со Министерството за економија, се задолжени да подготват мерки за поддршка на социјално ранливите категории за да користат дополнителни средства за заштита од енергетска сиромаштија.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ