вторник, март 19, 2024
spot_img
Повеќе

    Копач во Скопје: Кризата со струја е глобална и најлесно се пребродува со домашно производство

    Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница препорачува земјава повеќе да инвестира во обновливи извори на енергија и во зголемување на енергетската ефикасност

     

    Цената на електричната енергија секако ќе расте, според директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач. 

    По средбите со членови на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во Скопје Копач препорача земјава повеќе да инвестира во обновливи извори на енергија и во зголемување на енергетската ефикасност.

    Копач посочи дека кризата со електричната енергија е на глобално ниво и дека во една ваква ситуација најлесно е да се преживее со домашно производство.

    „Тоа на некој начин го амортизира ударот, но во Северна Македонија нема доволно производство на електрична енергија и поради тоа многу зависи од увоз. Не може да најдеме решение преку ноќ, треба да има повеќе инвестиции во обновливи извори на енергија, преку нови електрани на ветер, на сонце, хидроелектраната ‘Чебрен’ … само тоа може да се помогне во совладувањето на енергетската криза“, изјави Копач.

    Сакале или не, рече Копач, ќе дојде до поскапување на  струјата, бидејќи увозот е многу скап.

    „Затоа најважно е да се дефинираат ранливите категории и да им се пружи помош за да може нормално да си ги платат сметките“, рече Копач.

    Како што нагласи, во сите земји од поранешна СФРЈ, со исклучок на Словенија и на Хрватска, се држат ниски цените на струјата за домаќинствата.

    „Земјите од поранешна Југославија, освен во Хрватска и во Словенија,  држат ники цени на струјата за домаќинства, бидејќи се третира како социјално добро, но тоа е пазарно добро. Политичарите се плашат од зголемување на цената, но поради ниската цена на електрична енергија премногу се троши и плус нема пари за инвестиции во секторот.  Цел Балкан ќе има дефицит на струја. Тоа ќе биде голем проблем за сите“, оцени Копач.

    Тој посочи дека во земјава, како и во Србија, Црна Гора и во Босна и Херцеговина воопшто не е вложувано во енергетскиот сектор во последните 20 години и дека ќе требаат десетина години за да се подобри состојбата.

    „Јас би отишол со голема брзина во голема инвестиција на обновливи извори, тоа е приватен капитал, цените на пазарот се добри, не треба да им се дадат субвенции, само треба МЕПСО да го овозможи приклучувањето и тоа ќе даде нови капацитети. Обновливите извори на енергија се проблематични, треба да се балансираат, треба да го има и Чебрен…. На Северна Македонија и треба и енергетска ефикасност. Многу трошите, зградите се енергетски неефикасни. Трошите струја за греење, а треба  да имате централно греење на биомаса или на гас кое во комбинација со обновлива изворна енергија ќе овозможи долгорочна нормална ситуација“, рече Копач.

    Тој очекува ситуацијата да се подобри веќе напролет следната година и препорачува јавните институции да штедат и да одржуваат пониска температура во просториите, да се гаси светлото итн.

    „Тие се мали мерки, но секогаш се добри. Можеби тоа веќе се случува. Кампањите за штедење на електрична енергија се секогаш добри, но рестрикциите се само за во најголема криза. Рестрикција е нешто што е шок за нормален живот, а кампањата и доброто однесување се секогаш добредојдени’, потенцира Копач.

    Негова оценка е дека Северна Македонија како држава членка на Енергетската заедница има напредок во реформите на енергетскиот пазар.

    На прашање дали земјава сама се доведе во  ситуација да биде зависна од увоз на струја, рече дека причина за тоа е што не се инвестирало доволно во енергетскиот сектор.

    „Можеби можеше да биде многу подобро, но не се инвестирало во последните 10 години. Практично, освен една инвестиција во фотоволтаици и сега тендер во ‘Осломеј’ немаше нови инвестиции во енергетиката“, прецизира Копач.

     

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ