петок, април 26, 2024
spot_img
Повеќе

    Антикорупциска испитува судир на интереси кај Атанаско Тунески, член на Регулаторна

    Антикорупциска истражува судир на интереси кај членот на Регулаторната комисија за енергетика Атанаско Тунески, јави „Телма“. Барањето стигнало од енергетска компанија од земјава. Во пријавата стои дека има сомнеж дека Тунески го прекршил Законот за спречување на корупција и судир на интереси и Законот за енергетика. Како член на Регулаторна која носи одлуки, дава и одзема лиценци, врши надзор врз енергетскиот пазар, Тунески поседува и акции во енергетска компанија (Макпетрол). Од Антикорупциска за „Телма“ велат ќе ги испитаат сомнежите, и ако се потврдат ќе бараат од Собранието да го разреши Тунески.

    Антикорупциска треба да испита како е можно Тунески како член на РКЕ кој е должен да учествува во работата и одлучувањето на седниците на Комисијата, истовремено да има увид во работата на енергетска  компанија каде поседува 10 обични акции. Дали го прекршил Законот за спречување на корупција и судир на интереси прикривајќи дека има приватен интерес во енергетска компанија кој не го навел прецизно во анкетниот лист.

    Во пријавата стои дека согласно Законот службено лице не може во теккот на мандатот, како и во рок од три години по неговиот престанок да стекне по која и да е основа и во кој и да е облик акционерски права во правно лице врз кое органот во кој работи, врши надзор.

    Енергетската компанија се повикува и на Законот за енергетика во кој има специјален дел за судирот на интереси. Таму децидно е прецизирано дека член на Регулаторната не може да биде акционер во компнии кои имаат лиценца за вршење на енергетска дејност.

    Тунески поседува 10 обични акции во компанијата Макпетрол АД и за нив вели дека е подготвен да ги продаде веднаш. Тој во изјава за МКД.мк вели дека акциите на Макпетрол ги купил во 2008 година и тие изнесувале занемарливи 0,009% од сите акции на компанијата.

    „Акциите не се купени за време на мојот мандат како член на Регулаторна комисија за енергетика, што е во согласност со законските прописи. Ако поседувањето на овие акции прави каков било проблем, јас веднаш ќе ги продадам. Во анкетниот лист имам наведено дека поседувам акции, но, како и во сите други анкетни листови на сите други избрани функционери, не го наведувам називот на компанијата, односно не правам никакво прикривање, а немам ни зошто да правам прикривање.

    Ако јас како член на РКЕ го фаворизирам Макпетрол како негов акционер заради моите минорни 10 акции, и сум пристрасен и зависен од Макпетрол, тогаш Макпетрол не би барал моја смена, туку би инсистирал јас да бидам член на РКЕ што е можно подолго. Јас не се сложувам со барањата на Макпетрол за пораст на неговата трговска маржа и со неговото барање за либерализација на пазарот со нафтени деривати, и тоа се причините што Макпетрол бара моја смена. Имам бројни писмени докази дека како член на РКЕ сум бил категорично против пораст на маржата и против либерализација на пазарот на нафтени деривати и тие докази ќе ѝ ги приложам на ДКСК. Од доказите што ќе ги приложам до ДКСК е јасно дека постојано сум го штител интересот на потрошувачите за што пониски цени на нафтените деривати, а никако не сум го штител интересот на трговците со деривати за неоправдани екстра профити“, вели Тунески.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ