вторник, април 30, 2024
spot_img
Повеќе

    Биогасната електрана во Лозово ќе обезбеди струја за 2.750 домаќинства

    Привршуваат градежните работи на биогасната електрана Сарамзалино во oпштина Лозово.

    Изградбата на електраната е започната во јули 2020 година, и во оваа фаза се во тек градежните работи на опремата за обработка за биомасата и за биогас, по што ќе следува монтажата на генераторските единици, а пуштањето во употреба на електраната е предвидено за април наредната година.

    Вкупната вредност на инвестицијата на „Био Ентерпрајс“ од Охрид во оваа биогасна електрана изнесува близу 6.000.000 евра и во првата фаза ќе обезбеди 15 работни места.

    Годишното производство на електрична енергија од обновливи извори, како што соопшти денеска премиерот Зоран Заев кој заедно со вицепремиерот Љупчо Николовски беа на увид во изградбата на електраната, ќе ја задоволи потрошувачката на 2.750 домаќинства во државата.

    Стручноста во изведбата на електраната ја гарантираат компании од Австрија, со германска технологија кои работат во Северна Македонија.

    – Оваа инвестиција ја заокружува својата цел да учествува во зголемувањето на домашното производство на електрична енергија од обновливи извори согласно Енергетската стратегија на државата, како и поттикнување и модернизација на земјоделското производство во регионот и унапредување на соработката со локалните фармери и стопанства. Инвеститорите имаат под концесија 200 хектари, а вкупно им требаат 600 хектари за севкупно максимално производство на електрична енергија, рече Заев.

    Сопственикот на „Био Ентерпрајс“ како инвеститор на биогасната електрана Сарамзалино Петар Спасески информираше дека во општината и во Владата имале одличен соговорник и партнер за реализација на инвестицијата во сите фази и додаде дека со неа се отворени уште многу други можности за дополнителни инвестиции во земјоделството и спа туризмот.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ