вторник, април 30, 2024
spot_img
Повеќе

    Нова инвестиција од над 40 милиони евра во 30 MW ветерна електрана во Општина Богданци

    Нов ветерен парк со инсталирана моќ од 30 мегавати во вредност од 40 милиони евра ќе се гради на потегот помеѓу селата Стојаково и Селемлии во Општина Богданци. Стартот на реализацијата на новата инвестиција што треба да се реализира до 2023 година се официјализира со денешното потпишување на Договорот за аквизиција помеѓу фирмата Еуроинг и „Интеренерго“ д.о.о, Љубљана заедно со „Келаг“ во Богданци, во присуство на премиерот Зоран Заев.

    -Деновите на производство на електрична енергија од фосилни горива изминуваат и нашата земја до 2040 година треба над 50 отсто од енергијата да ја добива од обновливи извори на енергија. За тоа постојат одлични географски потенцијали што го потврдуваат сите досегашни студии според кои има 15-тина поволни локации за изградба на ветерници, рече Заев и додаде дека најбрзорастечка технологија за производство на енергија во сите можни сценарија за државата ќе бидат фотоволтаичните и ветерните електрани.

    Предвидено е како што кажа да се реализираат капацитети до 1400 мегавати фотонапонски електрани и до 750 мегавати ветерни електрани.

    Градоначалникот на Богданци Блаже Шапов потсети дека во општина Богданци веќе е реализиран Ветерниот парк на АД ЕСМ со инсталирана моќ од 36,8 мегавати во вредност од 55 милиони евра и додаде дека наскоро се предвидува негово проширување за уште 13,2 мегавати во вредност од 21 милион евра или поставување дополнителни четири ветерници покрај веќе постојните 16.

    Извршниот директор на “Интеренерго“ д.о.о. Љубљана, Блаж Штерк истакна дека како едни од најактивните инвеститори во Југоисточна Европа, посветени се на производство на електрична енергија од целосно “зелени”, обновливи извори.

    Блаж Штерк нагласи дека договорот за изведба и управување со ветерниот парк е од долгорочна природа и се базира на активна, “feed-in“ тарифа, што како механизам ќе придонесе за забрзан раст на инвестициите во технологиите за обновлива енергија.

    Посочи дека најдоцна до 2023 година ќе бидат ставени во функција шесте ветерни турбини од „ВЕ Гевгелија“ и додаде дека инвестицијата ќе биде реализирана заедно со нивниот партнер „Тригал“ од Љубљана.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ