вторник, април 30, 2024
spot_img
Повеќе

    Тензична расправа во Собранието за спорот на Владата со „Макпетрол“

    Повеќето пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ се јавија за дискусија, оценувајќи дека законодавниот дом не е место за решавање на спорови и повикувајќи го Пендаровски да стави вето ако се донесе законското решение кое предвидува да му се признае на „Макпетрол“ сопственост на 50 отсто од гасоводот и да му се исплатат 33 милиони евра

     

    Во напната атмосфера, во Собранието, овие два дена, тече расправата за предлог-законот, по скратена-постапка,  за решавање на долгогодишниот спор меѓу Владата  и „Макпетрол“ за гасоводот во земјава

    Повеќето пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ се јавија за дискусија, оценувајќи дека законодавниот дом не е место за решавање на спорови и повикувајќи го шефот на државата да стави вето ако се донесе законското решение кое предвидува да му се признае на „Макпетрол“ сопственост на 50 отсто од гасоводот и да му се исплатат 33 милиони евра.

    Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ го оцени предложеното законско решение како еден од серијата закони што ја убиваат правдата и ги прекршуваат основните начела на правото.

    „По ова, би следел закон за решавање на спорот меѓу Мицкоски и Заев. Не може да има закон за спор зашто тој се решава со медијација и во судовите. Не смее Собранието да прерасне во квази суд“, рече Силјановска, посочувајќи дека парламентот има надлежност само за ратификација на договори.

    Таа рече дека е недозволиво повикување на акти од минатото, нагласувајќи дека институциите треба да го решат спорот како што треба и каде што треба.

    „Очекувам претседателот да се одважи и да стави вето ако го изгласате овој закон“, рече Силјановска.

    Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека ова законско решение е школски пример како се прават пари ако се спогодиш со Владата.

    „Собранието нема надлежност за оваа проблематика и јавниот обвинител ќе мора да го истражи овој случај, за кој се водат судски спорови за утврдување на процентот кој го поседуваат двете страни, како и неговата вредност. Во катастар гасоводот не е заведен, рече Трајанов.

    Собранието, посочи, не решава спорови и овој предлог закон е залутан во законодавниот дом,  зашто нема ингеренции и не може да го завери договорот за купопродажба во вредност од 33 милиони евра за делот на „Макпетрол“ кој е проценет на 18 милиони евра.

    „Целиот гасовод е проценет на 65 милиони евра, но треба да се има предвид дека е стар дваесетина години, а неговиот животен век  е триесетина години. Затоа државата треба да преземе мерки за да се заштити и да се направи супервештачење за правилната пазарна вредност на гасоводот, рече Трајанов.

    Во реплика, министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека треба да се прави разлика помеѓу номиналната и актуелната вредност на секое акционерско друштво и додаде дека во 2006 година, кога била основано АД ГА-МА, номиналната вредност била 1 500 денари за акција, а во моментов е 12 500 денари.

    „Само гасоводот Клековце-Штип, долг 61 километар, чини 71 милион евра. Со изградбата на гасоводот како држава ќе добиеме поевтин енергенс и ќе се намали загадувањето на животната средина, а индустријата ќе стане поконкурентна на глобално ниво“, рече Бектеши.

    Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека Владата од позиција на моќ сака да го вплетка Собранието во продажбата на гасоводот со која државата веднаш треба да исплати 33 милиони евра на Макпетрол.

    „Законот се турка во скратена постапка, а треба да се исплатат многу пари во време на пандемија и голема економска криза. Собранието не е судски орган за да оцени дали се работи за праведна или неправедна спогодба“, рече Велјановски.

    Диме Велковски од СДСМ, во реплика, рече дека проценката за вредноста на гасоводот е направена по сите стандарди од една домашна и една странска институција и е на 300 страници. Додаде дека, покрај гасоводот, во неа се ставени и други материјални добра и машини со што вкупната вредност е 33 милиони евра.

    За расправа по вој предлог-закон се пријавени 37 пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ