четврток, април 18, 2024
spot_img
Повеќе

    Заев во Атина: С Македонија станува енергетски коридор за земјите од ЈИЕ

    Интерконекторот за природен гас отвора огромни можности, не само за Северна Македонија, туку и за Србија, за Косово, за Западен Балкан, рече премиерот на конференцијата на „Економист“

     

    Премиерот Зоран Заев, во обраќање на конференцијата на „Економист“ во Атина, ја истакна важноста на регионалната и економската соработка, особено за време на пандемијата и предностите и придобивките кога земјите работат заедно. Тој посебно се задржа и на договорот што денеска ќе се потпише меѓу Скопје и Атина за интерконекторот за природен гас.

    „Тоа е многу голем проект, околу 100 милиони евра. Од тоа, 54 милиони евра се на Северна Македонија. Тоа е интерконектор за природен гас што отвора огромни можности, не само за Северна Македонија, туку и за Србија, за Косово, за Западен Балкан и што конечно ќе донесе диверзификација на природен гас“, истакна Заев, нагласувајќи дека земјата „станува енергетски коридор за земјите од Југоисточна Европа“.

    На панел сесијата, обраќања имаа и премиерот на Албанија, Еди Рама, на Косово, Албин Курти, поранешната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, поранешната еврокомесарка за вработување и социјални прашања, Ана Диамантопулу, Џорџ Катруглос, поранешен министер за надворешни работи, како и Ринс Прибус, претседател на „Мајкл бест стратеџис“.

     

     

    Заев рече дека Северна Македонија, но и другите земји од регионот, ја следат европската агенда, како околу климатските промени, така и во однос на зелената енергија и изрази задоволство за инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан во висина од девет милијарди евра.

    „Сега се обидуваме да отвориме нови зелени коридори со нашите соседни земји и многу сум среќен бидејќи Грција е првата земја што ги отвори овие зелени линии со нас, како земја членка на Европската Унија, бидејќи ние сме опколени од земји членки на ЕУ. Ние сме како остров во средина. И многу сум благодарен што премиерот Мицотакис го направи првиот чекор да го отвори првиот грчки коридор и да ги охрабри другите земји членки да го следат неговиот пример, примерот на Грција“, рече Заев.

    Македонскиот министер за економија, Крешник Бектеши, и министерот за животна средина и енергија на Грција, Костас Скрекас,  денеска во Атина ќе го потпишат договорот меѓу владите на двете земји за развој на интерконекцијата за пренос на природен гас Грција- Северна Македонија.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ