Околу 150 компании од прехранбената индустрија од 1 декември ќе добијат далеку поевтина струја од онаа која сега ја плаќаат најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Бектеши не кажа колкава ќе биде таа фиксна цена. Рече дека ќе биде соопштена кога за тоа ќе се донесе одлука на Владата.
-За цената ќе бидете известени кога ќе се донесе одлуката од страна на Владата, а ќе биде најконкурентна и уште пониска од тоа што го добиваат малите потрошувачи, истакна министерот.
Според него, околу 150 компании, главно производители на млеко и млечни производи, леб и други основни прехранбени продукти од 1 декември ќе имаат фиксна цена за електричната енергија.
Целта е да се стабилизираат, па дури и да се намалат цените на прехранбените производи, со што ќе се спречи понатамошно зголемување на инфлацијата.
Истото, дополни Бектеши, важи и за основните и средните училишта, како и за мерните станици на водните пумпи и за пречистителните станици.
За антикризните мери за стопанството рече дека навремено се направени соодветните анализи од сите институции.
-Денеска имав состанок со Стопанската комора. Тие ги знаат сите мерки што се дизајнирани. Најважно од се е дека стопанството ќе има предвидливост. Мерките ќе ги дознаете во моментот кога ќе се усвојат зашто не значи дека ќе се усвојат така како што се дизајнирани од Министерството за економија. Мерките се носат во разговори со сите комори и со сите засегнати страни, подвлече Бектеши.