сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    Владата најавува забрзување на изградбата на магистралните гасоводи во земјава

    Во наредните три години ќе се заокружи  прстенот за изградба на националниот гасовод, а  дотогаш може паралелно да се работи  на дистрибутивните мрежи на градовите, посочуваат министрите за економија и за транспорт и врски

    Нашиот систем за пренос ќе го  користиме за да ги снабдиме нашите северни соседи, така што цената за пренос значително ќе се намали, вели директорот на Национални енергетски ресурси

     

    Интензивирање на изградбата на магитралните гасоводи во земјава и заокружување на прстенот за изградба на националниот гасовод најавија министрите за транспорт и врски и за економија Благој Бочварски и Крешник Бектеши.

    Тие, заедно со премиерот Зоран Заев беа на увид на градежните активности на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар, за кој најавија дека ќе финишира во втората половина на следната година.

    Бочварски рече дека, дека особено во тековната здравствена криза, треба да се направат  сите потребни чекори за да  се интензивира изградбата на примарната гасоводна мрежа.

    „Продолжуваме понатаму со силна динамика. Следни чекори  ќе бидат на кракот кон Кичево да го надоврземе и кракот кон Охрид и, исто така, со крак да го поврземе и Велес. Во меѓувреме  Министерството за атранспорт  и врски се екипира и, вложувајќи ги сите расположиви капацитети интензивно работиме на решавање на сите имотно-правни односи и на одобрување на сите инфраструктурни проекти, со цел забрзување на изградбата на нашите магистрални гасоводи“,  наведе Бочварски.

    Тој апелираше  до општинските власти да се подготват и што поскоро да почнат со изградба на конекциските краци од општините до магистралниот гасовод.

    Според министерот Бектеши, во наредните три години ќе се заокружи  прстенот за изградба на националниот гасовод, а  дотогаш може паралелно да се работи  на дистрибутивните мрежи на градовите, посебно во тие што се во финална фаза со нивните проектни документации.

    „ Ова ќе овозможи  поевтини цени за индустријата, стопанствениците да станат  поконкурентни и да ги намалат трошоците за енергенси, но дополнително на граѓаните ќе им овозможиме да се снабдуваат со приороден гас“, рече Бектеши.

    На настанот кај скопско Семениште беше посочено дека главен проблем за динамиката на изградбата на магистралниот гасовод  Скопје-Тетово-Гостивар во изминатиот период биле имотно-правните работи, со оглед дна тоа што, поради пандемијата,  Управата за имотно-правни работи ги прекинала расправите по предметите од март досега.

    „Во интензивна комуникација со  Управата за имотно-правни работи веќе го надминавме тој проблем и мислам дека од наредната недела веќе ќе почне да се движи  напред решавањето на  на тоа прашасње, кое е едно од клучните за брза реализација на терен. Реално, потешкиот дел од градежните работи се направени, сите  поголеми наклони и стрмини веќе се  изградени. Останува да се гради поголемиот дел што е на рамно, каде што многу бргу можеме да ги  реализираме сите градежни активности“,  информираше директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи.

    Тој очекува во наредниот период да се заокружат и работите на делницата од Неготино кон Битола со сите потребни испитувања, со оглед дека се преостанати уште 2,5 километри.  За кракот кон Кичево веќе има одобрение за градба и е добиена прелиминарна поддршка од ЕБОР за финансирање, а откако студијата за животна средина ќе биде адаптирана по нивните правила се очекува старт со градба во тек на следната година. Потоа треба да се продолжи  со проектирање на делницата од Кичево  кон Охрид и од Охрид  до Битола за да се затвори целиот прстен што, укажа Реџепи, ќе овозможи стабилност на целиот систем за пренос на природен гас.

    На локацијата на која беше извршен увидот на градежните работи кај Семениште, на 31-от киометар од гасовот ќе биде  главната мерна регулациска станица и приклучокот за  гасоводот на Косово . И,  како што рече Реџепи, нашиот систем за пренос ќе го  користиме за да ги снабдиме нашите северни соседи, така што цената за пренос значително ќе се намали.

    Реџепи информираше дека веќе е направена студија за животна средина и за, според него, најважниот проект од Неготино до Гевгелија за интерконекторот со Грција, доставена е апликација во Министерството за животна средина и се очекува брзо да бидат закажани јавни расправи.

    „Очекувам таа постапка да заврши до крајот на оваа година. Веќе имаме подготвено инфраструктурен и основен проект, така што очекуваме дека некои проблеми што ги имавме со грчката страна, со ДЕСФА, за банкарските гаранции ќе ги надминеме брзо за и таа делница да почне да се гради наредната година“, изјави Реџепи, потенцирајќи дека делницата е исклучително важна не само  од геополитички туку и од економски аспект, односно дека ќе имаме пристап до повеќето сегашни и идни терминали што ќе се градат во Грција.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ