сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    Виза од парламентот чека и заем од 25 милиони евра за енергетска ефикасност во јавниот сектор

    Според опозицијата, заемот од 25 милиони евра од Светска банка е поврзан со претстојните локални избори, додека пратениците од мнозинствот тврдат дека со спроведување на проектот ќе се намали потрошувачката на енергија во јавниот сектор

     

    Во Собранието денеска заврши општиот претрес за предлог-законот за задолжување  кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка за финансирање на проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор. Пратениците дебатираа два дена за оваа точка, што е една од оние кои се блокирани во законодавниот дом – поради проблемите со кворумот. Гласањето по оваа точка ќе биде дополнително закажано.

    Според опозицијата, заемот од 25 милиони евра од Светска банка е поврзан со претстојните локални избори, со цел да се покаже дека локалната власт нешто работи. Пратениците од мнозинството, пак, тврдат дека со спроведување на проектот ќе се намали потрошувачката на енергија во јавниот сектор и ќе се воспостават одржливи механизми за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.

    ВМРО-ДПМНЕ смета дека е невозможно позајмените 25 милиони евра да бидат транспарентно потрошени. Од опозициската партија, исто така, посочуваат дека  нашата држава е една од ретките што сè уште немаат фонд за енергетска ефикасност.  Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека секој знае што значи енергетска ефикасност и заштеда на финансиски средства, но праша зошто предлог законот не бил донесен во 2019 година кога бил склучен договорот и кога јавниот долг не бил 60 отсто од БДП.

    „Сега долгот е голем. И ќе го цитирам поранешниот министер за финансии Никола Поповски, кој рече дека ние не сме во комформа зона за заем. Втора работа е тоа што вие бевте големи противници кога претходната Влада се задолжуваше. Многу градоначалници, министри кои тогаш се бунеа, сега се корисници на тие заеми и најголеми релативизатори на моменталниот јавен долг, кој е 60 отсто од БДП, рече Ласовска.

    Таа потенцира дека тајмингот за задолжување е подреден на локалните избори.

    Снежана Калеска Ванчева од СДСМ реплицираше дека опозицијата е конфузна.

    „Велите дека проектот е добар, ама проблемот е тајмингот на земање на заемот пред локалните избори. Но, ние ако почекаме уште малку ќе дојдат и парламентарните избори. Треба да кажете дали треба или не треба да се посветиме на енергетската ефикасност“, рече Калеска Ванчева.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ