ЕСМ планира во втората половина од ноември да го тестира работењето на топланите Исток и Запад на дизел, но во тој период граѓаните на Скопје нема да останат без парно греење, бидејќи нормално ќе функционира ТЕ-ТО, информира Васко Ковачевски, генерален директор на ЕСМ.
– Мора еднаш да видиме како топланите ќе функционираат на дизел и да имаме дополнителна варијанта во случај да нема гас. Во нафтените резерви има на залиха околу 100 милиони тони дизел, набавени се најсовремени пумпи, а префрлањето од гас на дизел ќе трае 24 часа. Граѓаните на Скопје треба да знаат дека во пробниот период нема да останат без парно греење, бидејќи ТЕ-ТО ќе си работи и ќе обезбедува 60 отсто од топлината, а додека едната топлана работи на дизел, другата ќе продолжи на гас, објасни Ковачевски.
ЕСМ веќе има набавено природен гас за топланите Исток и Запад до 15 ноември. По преземањето на топланите Исток и Запад под закуп од АД Адора, ЕСМ, како што истакна Ковачевски, веднаш почна да ги подготвува да можат да работат и на алтернативно гориво како втора варијанта, а тоа е дизел горивото во случај да го нема природниот гас или да има екстремно висока цена.
Пробниот период ќе трае десетина дена, за добро да се утврдат параметрите, системот се чисти од мазут, а набавени се десетина најсовремени пумпи на дизел, брифираше Ковачевски.
Ковачевски порача дека дизелот го има во државните резерви и е полесно достапен и полесно може со него да се изменаџира евентуална криза со природниот гас за разлика од мазутот кој го нема на залиха и многу повеќе загадува.
Според Ковачевски, доколку топланите работат на дизел во моментов производството на топлинска енергија ќе биде поевтино за 20 до 30 проценти отколку на гас, но заради екологијата топланите ќе работат на природен гас се додека нема евентуални проблеми за негова набавка.
Инаку, ова ќе биде првпат топланите Исток и Запад во своето досегашно работење да користат дизел.