сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    Струјата ќе поскапи 13 отсто ако РКЕ ги прифати барањата од компаниите

    До Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) се пристигнати сите барања за цената на струјата и доколку бидат прифатели тоа би значело нејзино зголемување за 13 проценти, изјави за МИА претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

    РКЕ во наредниот период ќе ги анализира барањата, а одлуката ќе ја соопшти околу 20 следниот месец.

    Бислимовски соопшти дека Електродистрибуција има побарано зголемување на цената за дистрибуција од 32 проценти, МЕМО, операторот на пазарот на електрична енергија, од 83,3 проценти, а МЕПСО како оператор на преносниот систем од 53,51 процент.

    Процентот што го бара МЕМО, според него, навидум е голема бројка, но влијанието на цената е под 0,5 проценти. Вкупното влијание на цената на МЕПСО, пак, е нешто под пет проценти.

    „Доколку ги прифатиме сите овие барања тогаш би значело зголемување на цената на електрична енергија од 12,75 проценти, односно од 13 проценти“, изјави Бислимовски.

    „ЕВН хоум“ нема доставено барање поради тоа што не знае која ќе биде цената по која ќе ја набави од ЕСМ, повластените производители и ако има потреба од слободниот пазар.

    Бислимоски вели дека РКЕ во наредните денови ќе информира на што се темелат барањата за зголемување на цената, но, тоа, според него, е најверојатно поради зголемени трошоци во работењето.

    „Ќе видиме дали е тоа прифатливо за нас или не. И претходно кажав, не сум баш приврзаник за промени на цената на електричната енергија сега“, рече Бислимоски.

    Прашан за влијанието на враќањето на стапката на ДДВ од 18 проценти во цената на струјата, повтори дека РКЕ носи одлуки без ДДВ и оти ќе се задржи на делот што го регулираат.

    „Ако го пресметате ДДВ не е 8 проценти зголемување на цената, математички е некаде околу 7,3, односно 7,4 проценти како зголемување на цена што би влијаела“, посочи претседателот на РКЕ.

    Бислимоски пред два дена најави дека дневната евтина тарифа за електрична енергија е сигурно дека ќе се врати, а кога точно ќе почне да се применува, ќе се знае за 15 дена затоа што уште траат разговорите и се чека одговор од „ЕВН хоум“ за колку време може да го приспособи системот.

    За примената на евтината тарифа, според Бислимоски, најважна е цената по која „ЕВН хоум“ ќе купува од ЕСМ, а влијание има и цената по која Електродистрибуција и МЕПСО ќе ги купуваат загубите на електрична енергија, дали ќе продолжат да бидат обезбедувани од ЕСМ како досега или ќе се вратат на претходното, на купување на слободниот пазар.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ