сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    Средба Ковачевски-Мицотакис, грчки компании ќе градат голема гасна централа и ХЕЦ „Чебрен“

    Постигнавме договор со Република Грција за непречено снабдувањето со лигнит и јаглен од рудниците во Грција во текот на четвртиот квартал од годинава и првиот квартал од наредната година за непречено работење на РЕК „Битола” и РЕК „Осломеј”, изјави премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски по средбата во Атина со неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис.

    Денес имавме неколку конкретни теми на кои разговаравме и на кои постигнавме договор со Република Грција. Прво снабдувањето со лигнит и јаглен којшто доаѓа од рудниците во Грција ќе се одвива непречено во текот на целиот период, четвртиот квартал оваа година и првиот квартал идната година, со што ќе можат да бидат ставени во непречено функционирање производствените капацитети на јаглен во РЕК „Битола“ и во РЕК „Осломеј“.

    Втората тема на која постигнавме договор е непречено снабдување со мазут преку Грција како што и досега имавме снабдување со цел непречено да може да функционира ТЕЦ „Неготино“, со што ќе обезбеди снабдување на електрична енергија, исто така, и од овој капацитет.

    Важно беше да се договориме со оглед на тоа што веќе се јавуваат недостатоци на енергенси и електрична енергија во цела Европа да обезбедиме непречено снабдување со овие енергенси и доколку се случи било какво ограничување од извозот од Грција се договоривме дека такво ограничување нема да биде воведено за Република Северна Македонија.

    Втората тема се големите проекти кои се однесуваат на енергетската трансформација, прво во однос на изградбата на гасоводот преку Грција, интерконекторот Евзони до Северна Македонија, односно до Неготино, веќе е отпочната процедура за маркет тест којашто треба да ја покаже економската исплатливост на оваа инвестиција и со оглед на тоа дека веќе има понуди за закупување на капацитети на овој гасовод, доколку се тече според планот, би требало изградбата да почне до крајот на годината.

    Втората најавена инвестиција од страна на грчки инвеститори е големата гасна централа со капацитет до 200 МВ која што тие изразија желба да ја градат во Северна Македонија. Веќе се отпочнати анализи и штом ќе бидат завршени ќе може оваа голема инвестиција да биде претставена на Влада и во Собранието како стратешка инвестиција која ќе треба да обезбеди дополнителни количини на електрична енергија за Република Северна Македонија, меѓутоа и за регионот.

    Третата тема на која разговаравме, тоа е проектот „Чебрен“ за кој веќе е отпочната процедура и после голем број на неуспешни обиди да има понуда и инвеститор кој е заинтересиран за изградба конечно овој пат имаме понуда која е од ППС, грчката компанија. Таа ќе помине низ нормално филтрите на евалуација од страна на комисија која што тоа го работи во рамки на нашите институции. И доколку евалуацијата покаже соодветност на понудата со очекувањата тогаш, исто така, до крајот на годината може да очекуваме потпишување и на договор за изградбата на овој би рекол најголем енергетски капацитет во регионални рамки кои би се градел.

    Сето ова помина во знакот на исклучително позитивна атмосфера и во духот на високото ниво на добрососедски односи кои што ги имаме со Република Грција “, изјави Ковачевски.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ