четврток, март 28, 2024
spot_img
Повеќе

    Собранието го усвои финансискиот план на РКЕ за 2021 година

    Планираните обврски годинава изнесуваат 79.184.376 денари, што е намалување за 7,88 отсто во однос на одобрените расходи минатата година

     

    Собранието денеска (недела) го усвои финансискиот план за 2021 година на Регулаторната комисија за енергетика, во рамки на 32.седница, која се реализираше во вонредни услови, така што двајца пратеници од мнозинството, позитивни наковид-19, дојдоа да гласаат во скафандери. На тој начин, беше овозможен кворум за изгласување на преостанатите закони од 32.седница, која почна уште на 25 јануари.

    Според Финансискиот план на РКЕ, вкупните расходи за исполнување на планираните обврски во 2021 година изнесуваат 79.184.376 денари, што претставува намалување за 7,88 отсто во однос на одобрените расходи со финансискиот план за 2020 година.

    Дел од финансиските средства за 2021 година се планира да бидат искористени за  платите на вкупно 46 вработени во РКЕ, од кои 40 се тековно вработени, и  шестмина се предвидува да се вработат до крај на 2021  година.

    „Со финансискиот план за 2020 година беа планирани плати и надоместоци за плати за 50 лица, наместо постојните 40, меѓутоа поради новонастанатата ситуација со пандемијата, Регулаторната комисија не можеше да ги реализира планираните вработувања. Беа реализирани 11 вработувања, а до крајот на 2021 година се предвидува да се реализираат уште 6 вработувања, не земајќи ги во предвид новите вработувања кои што ќе се реализираат заради остварувањето на правото на пензија на неколку од постојние вработени“, објаснуваат од РКЕ, посочувајќи дека  планираниот износ за плати е за 4,72% помал во однос на одобрениот со финансискиот план за 2020 година.

    Средствата за покривање на планираните трошоци на РКЕ годинава треба да се обезбедат преку:

    • наплата на надоместок за издавање на лиценци за вршење на енергетски дејности, односно за упис во регистарот на странски трговци и снабдувачи со електрична енергија и природен гас коишто можат да вршат дејност во Република Северна Македонија;
    • надоместоци од постапката за утврдување на тарифи за водни услуги, односно регулаторна тарифа за водни услуги;
    • наплата на годишен надоместок од носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности и странските друштва коишто можат да вршат дејност во Република Северна Македонија, и
    • посебен годишен надоместок утврден како процент на зафаќање од годишниот приход на давателите на водни услуги остварен од давање на водните услуги.

    Вкупниот потребен приход за работењето на РКЕ за 2021 година изнесува 79.184.376 денари, и овој износ се планира да се оствари од следните извори на средства:

    • планирани приходи од наплата на надоместок за издавање на лиценци за вршење на енергетски дејности, односно за упис во регистарот на странски трговци и снабдувачи со електрична енергија и природен гас коишто можат да вршат дејност во Република Северна Македонија, и надоместоци од постапката за утврдување на тарифи за водни услуги, односно регулаторна тарифа за водни услуги, во износ од 3.632.500 денари;
    • планиран вишок на пренесени средства од 2020 година во 2021 година во износ од 912.590 денари, и
    • планиран приход од наплата на годишен надоместок од носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности и странските друштва коишто можат да вршат дејност во Република Северна Македонија во износ од 57.756.522 денари, и
    • планиран приход од наплата на посебен годишен надоместок утврден како процент на зафаќање од годишниот приход на давателите на водни услуги остварен од давање на водните услуги, во износ од 882.764 денари.

    Собранието денеска ја донесе и Одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2021 година. Според Одлуката, процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход за РКЕ изнесува 0,0441 проценти од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење енергетска дејност и од странските друштва кои вршат енергетска дејност во Република Северна Македонија. Истиот процент 0,0441 е предвиден и  од годишниот приход на давателите на водни услуги.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ