недела, октомври 13, 2024
spot_img
Повеќе

    Со 36,2 милиони евра наредните две години ќе се ревитализираат шест хидроелектрани

    Со заем во износ од 25 милиони евра од КфВ развојната банка, 11,2 милиони евра грант од ЕУ од ВБИФ и 0,2 милиони евра од германската Влада, Владата на Република Северна Македонија обезбеди 36,2 милиони евра за реализација на нова инвестиција во енергетскиот сектор.

    Инвестицијата ќе се реализира во наредните две години и ќе опфати ревитализација на шест големи хидроелектрани помеѓу кои ХЕ Вруток, ХЕ Врбен, ХЕ Равен, ХЕ Тиквеш, ХЕ Шпилје и ХЕ Глобочица, кои обезбедуваат помеѓу 20 и 30 проценти од вкупното производство на електрична енергија во земјава.

    За реализација на оваа инвестиција денеска во Скопје се потпишаа Договор за заем меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕСМ – Скопје,  Договор за гаранција меѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за финансии и Кредитната банка за обнова – КфВ, Посебен договор меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕСМ – Скопје и Договор за ВБИФ грант меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕСМ – Скопје.

    – Овие договори овозможуваат реализација на инвестиција од 36,2 милиони евра, која Република Северна Македонија ќе ја спроведе со поддршка од нашите партнери, а со кои правиме значајни чекори во обезбедувањето енергетска независност и тоа преку инвестиции во обновливи извори на енергија, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими на потпишувањето на договорите.

    Тој додаде дека средствата се обезбедуваат по поволни услови, а реализацијата на инвестицијата ќе значи поголемо домашно производство, стабилност во снабдувањето со електрична енергија и енергетска независност.

    Директор на секторот за енергија и мобилност во ЈИЕ и Турција во КфВ, Пабло Обрадор Алварез, истакна дека потпишаните договори се дел од заложбите на Германија во рамките на Берлинскиот процес, како и дел од енергетскиот пакет на ЕУ за поддршка на зелената транзиција на енергетскиот сектор во земјите од Западен Балкан (WB6).

    Со оваа инвестиција инсталираната моќност на хидроелектраните ќе се зголеми  за дополнителни 13,5 МW, додека, производството на електрична енергија ќе се зголеми за околу 47,5  GWh  годишно. Покрај ова, со инвестицијата се обезбедуваат и  намалени трошоци за одржување и зголемена доверливост и стабилност на системот, како и заштита на животната средина. Станува збор за трета фаза на ревитализација на овие хидроелектрани. Претходните две фази се исто така финансирани со заеми, при што првата фаза е финансирана со заем од Светска банка, а втората фаза со заем од Кредитната банка за обнова – КфВ и истите се успешно завршени.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ