петок, март 29, 2024
spot_img
Повеќе

    Влегувањето во Александрополис – стабилност во снабдувањето со гас или енергетска авантура

    Наспроти проценките на Владата дека со заедничка изградба на интерконекторот ќе се овозможи гасно поврзување на Централна и на Југоисточна Европа, со цел унапредување на диверзитетот и конкурентноста на снабдувањето со природен гас, опозицијата смета дека земјава го губи суверенитетот без сопствено производство 

    Министерот за економија Крешник Бектеши и претставник на грчката Влада се очекува наскоро да го потпишат договорот меѓу двете земји за изградба на интерконекцијата за пренос на природен гас.

    Владата, на последната седница, го прифати текстот на усогласениот договор со  Грција, оценувајќи дека со заедничка изградба на интерконекторот ќе се овозможи гасно поврзување на Централна и на Југоисточна Европа, со цел унапредување на диверзитетот и  на конкурентноста на снабдувањето со природен гас и обезбедување  сигурност во снабдувањето на регионот.

    Овие цели, како што велат од Владата, ќе се обезбедат и по пат на унапредување на регионалната инфраструктура и подобрување на интеграцијата на пазарите, како и преку обезбедување на потребните количества на природен гас за сите потрошувачи во регионот на Централна и на Југоисточна Европа.

    Но тоа не се единствените придобивки што ги очекуваат властите во земјава од „првата директна инвестиција“, како што премиерот Зоран Заев, кон крајот на минатата година, го нарече нашето учество во Александрополис гасоводот.

    „Доживеавме нашата земја да инвестира во Грција, во гасниот терминал во Александрополис, инвестиција меѓу 6 ипол и 7 ипол милиони евра и ќе имаме 10 проценти учество“, рече Заев, на седница за пратенички прашања, посочувајќи дека изградбата на интерконекторот со Грција е проект вреден 54 милиони евра, од кои, од инвестициската рамка за Западен Балкан имаме 14 милиони евра грант.

    Тој посочи дека во почетокот на 2021 година се очекува да стартува изградбата на овој интерконектор, кој за првпат  отвора можноста да влезе втор, трет, четврти… извор на гас. Исто така, рече дека се работи  и на реализацијата на други три интерконектори за гас, така што изрази очекување за 30-процентно намалување на цената на природниот гас во државата, како евтин и еколошки енергенс .

    Според Заев, ова ја развива и можноста за изградба на гасни централи за производство на електрична енергија, како и за ревносно следење на еколошката агенда, согласно со Европската зелена агенда, односно брзата транзиција од јаглен во еколошки реагенси, за производство на електрична енергија.

    Според проценките, околу 140 милиони евра ќе треба да вложи земјава за закуп на терминал за течен гас и за гасна централа во Александрополис Во терминалот, „тежок“ околу 400 милиони евра ќе учествува со 10 отсто, а во гасната централа, вредна уште  400 милиони евра, ќе има удел од 25 отсто.

    Оваа одлука, како што се посочува, најверојатно дефинитивно ја трга настрана намерата што ЕСМ, по насоки на Владата, ја искажа летото 2019 година, кога испрати писмодо Бугарија за вложување во нуклеарната централа Белене.

    Кон крајот на минатата година, најавувајќи го повлекувањето од Белене, директорот на ЕСМ Васко Ковачевски изјави дека со инвестицијата во Александрyпoлис се очекува да се подобрат перформансите на компанијата во поглед на стабилно производство на електрична енергија.

    „Се насочуваме кон можноста да инвестираме во гасна електрана во близина на гасниот терминал во Александруполис,  Грција. Електрана со инсталирана моќност до 800 мегавати, во која нашата држава преку АД ЕСМ би имала сопственост од 25 проценти и до 200 мегавати со што значително ќе се подобрат перформансите на компанијата во поглед на стабилно прозводство на електрична енергија“, рече Ковачевски.

    Но опозицијата не е воодушевена од  влегувањето на С Македонија во Александрполис.  Уште при најавата за учество во овој проект, од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека троа ќе претставува „енергетска авантура“ за земјава.

    И сега кога влегувањето во Александрполус е извесно, од Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека овој потег е штетен од неколку аспекти: политички, финансиски и економски.

    „Во ситуација кога немаме домашни инвестиции, оваа Влада ќе инвестира стотици милиони евра надвор од Македонија – 40 милиони евра во Александрополис (10% од 400 милиони) и 100 милиони евра во гасна централа (25% од 400 милиони) т.е. вкупно 140 милиони евра, од кои само 17 се покриени од грант од Европската Унија.
    Намерата и постапките за инвестирање надвор од Македонија во енергетскиот сектор во овој момент најблаго речено се знак или за тотално неразбирање на проблематиката и  на економската состојба на Македонија или намерно уништување на енергетскиот сектор“, сметаат од Комисијата за енергетика на опозициската партија. 
    Според ВМРО-ДПМНЕ, политичката штета се состои во тоа што, без сопствено производство, го губиме суверенитетот.
    „Стануваме енергетски зависни од Грција во снабдување со природен гас и електрична енергија. Трговијата со електрична енергија е веќе голем дел во рацете на грчкото електростопанство, а покрај ова, имаме доста непријатно искуство во изминатиот период со проблемите на транспорт на течно гориво. Ако  немаме сопствени производни капацитети, во случај на зголемена потреба за енергија, испораката на договорените количини се запира“, предупредуваат од опозицискиот табор.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ