сабота, октомври 5, 2024
spot_img
Повеќе

    Само ППС од Грција испратила комплетна понуда за хидролектраната „Чебрен“

    Грчката државна компанија за производство на енергија ППС (или ДЕИ) е компанијата која до Министерството за животна средина и просторно планирање испрати комплетна понуда за доделување концесија за користење на водата на Црна Река. На јавниот повик освен од оваа компанија, пристигна понуда и од компанијата „ЕДФ“ од Франција која е необврзувачка и не ја доставила бараната гаранција за учество во постапката. Крајниот рок за доставување на понудите за проектот беше до денеска до 11 часот, а постапката започна на 17 јануари оваа година.

    „Има две понуди – од кои е констатирано дека понудата на грчкиот Конзорциум е прифатлива, а понудата на француската компанија ЕДФ е необврзувачка понуда и не е доставена бараната банкарска гаранција“, информираше министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

    „Ова е историски ден за енергетскиот сектор. Сакам да истакнам дека во целиот процес ние како Влада бевме максимално посветенени овој проект да успее, по 13 неуспешни обиди за 20 години. Затоа добро ги проектиравме условите и имавме слух за потребите на апликантите. Ова е постапка во вистинско време и како држава сме подготвени за успешна реализација на овој проект. Овие хидроцентрали ќе даваат балансна енергија, а проектот ќе се изведува како јавно-приватно партнерство, при што јавниот партнер ќе биде АД ЕСМ“, рече Нуредини .

    По периодот на евалуација кој трае 60 дена се очекува потпишување на договор што треба да се случи до крајот на првата половина од 2023 година. Првото производство на електрична енергија е проектирано да започне во 2028-2029. Системот хидроцентрали на Црна Река треба да произведува балансна енергија од најмалку 333 мегавати и ќе претставува база на домашната енергетска мрежа.

    ППС, која постои од 1950 година, сака до 2030 година да стане лидер на енергетскиот пазар во југоисточна Европа, изјави лани нејзиниот директор за Блумберг. Изградбата на „Чебрен“ е стожер во овие планови, а компанијата веќе гледа да ја прошири дејноста и во Бугарија, Романија и Србија за натамошни инвестиции. Таа беше компанијата што прва во светот постави фарма на ветерници во 1982 година на островот Китнос.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ