петок, април 19, 2024
spot_img
Повеќе

    РКЕ петта година по ред оценета за најдобар регулатор од Секретаријатот на енергетска заедница

    Петта година по ред Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕ) е оценета со прво место за најдобар регулатор од страна на Секретаријатот на енергетската заедница.  Во Годишниот извештај за 2022 година РКЕ е прогласена за најдобар регулатор, заедно со регулаторот на Црна Гора и Грузија со 80 проценти спроведени реформски процеси. Рангирањето за најдобар регулатор е во конкуренција на мониторирани вкупно девет регулатори и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина.

    -Валоризацијата на работата од Енергетската заедница е дополнителен мотив да опстоиме во независноста, автономноста и интегритетот кој заедно со вработените го градиме, рече денеска на прес-конференција Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

    Тој најави дека во следниот период РКЕ ќе се посвети на спроведувањето на Мрежните правила за електрична енергија и природен гас, коишто се транспонирани во националните мрежни правила од страна на операторите на соодветните системи и ќе презема мерки за целосно спроведување на Регулативата за транспарентност на електрична енергија. Исто така, врз основа на законските надлежности, РКЕ ќе подготви подзаконски правила за транспонирање на Регулативата на РЕМИТ.

    Во Извештајот на Енергетска заедница се посочуваат како проблематични сложените постапките за нови вработувања поради потребата за одобрување на годишниот план за вработување од страна на надлежните институции и барањето за спроведување на долготрајни постапки за избор. Дополнително во Извештајот е потенцирано како загрижувачко мешањето (интервенциите) на Народниот правобранител во независната работа на Регулаторот во поглед на начинот и висината на одредувањето на тарифите.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ