петок, април 19, 2024
spot_img
Повеќе

    РКЕ бара поголеми ингеренции – за да може да изрекува повисоки казни

     

    Според Бислимовски, целта е да се зголемат казните за операторите на дистрибутивните системи, доколку поради нивна неажурност и лоша организација ги оставиле потрошувачите без греење во време на грејна сезона

     

    Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги подготвува предлог  за измени во Законот за енергетика со кои ќе побара поголеми ингеренции за изрекување повисоки казни кон операторите на дистрибутивните системи, доколку поради нивна неажурност и лоша организација ги оставиле потрошувачите без греење во време на грејна сезона.

    „Мора да ги зголемиме нашите ингеренции, за да можеме да изрекуваме казни што ќе бидат врзани со процент од вкупен приход што го остваруваат енергетските компании, што е и сугестија од Енергетската заедница. Сегашните казни се многу мали и незначајни, односно се во висина од 5.000 евра до 7.000 евра, во зависност од прекршокот. Со зголемување на казните, ќе делуваме превентивно и ќе се дисциплинираат операторите на дистрибутивните системи да не се чувствуваат комотно и сериозно да ја сфатат својата улога, а со тоа ќе ги заштитиме потрошувачите“, вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

    Тој посочува дека со измените ќе им се овозможи на граѓаните веднаш да може да добијат пониски сметки, доколку не ја добијат услугата, а не како сега на крај од грејната сезона во порамнителните сметки.

    Иницијативата за зајакнување на ингеренциите преку измени во Законот за енергетика следува откако на почетокот на грејната сезона РКЕ одржала состанок со БЕГ и сите останати компании кои го снабдуваат Скопје со топлинска енергија. На состанокот, компаниите информирале  дека ќе нема проблем за почеток на грејната сезона.

    „Ние, врз основа на информациите од БЕГ, верувавме дека ќе нема проблеми, но во голем дел на Скопје има проблеми, на кои ни посочија граѓаните. Тие реагираа дека немаат топлинска енергија, по што БЕГ ни даде точна информација. Ние мора да делуваме поригорнозно, затоа што очигледно дека казни до 7 000 евра не им претставуваат проблем на компаниите. Затоа ќе побараме законски измени. Ако продолжи ваквото некоректно однесување и не се отстранат недостатоците ќе ја разгледаме опцијата за одземање на лиценцата“, вели Бислимовски.

    Тој, како што се посочува во денешното соопштение од РКЕ, нагласува и дека потрошувачите имаат право да го тужат БЕГ и дека РКЕ стои на располагање за да им даде соодветен документ со која ќе ја потврди фактичката состојба.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ