четврток, април 18, 2024
spot_img
Повеќе

    Рим привремено ја става под државна управа рафинеријата на рускиот гигант „Лукоил“ во Италија

    Новата италијанска Влада, предводена од премиерката Џорџа Мелони, вчера ја стави рафинеријата на рускиот нафтен гигант Лукоил во Приоло, Сицилија, под „привремено управување“ на државата за да избегне нејзино затворање и да гарантира континуитет во снабдувањето со енергија, изјави владин извор.

    Како што пренесе БТА, постоеше опасност рафинеријата ИСАБ (ИСАБ), една од најголемите во Европа, која е под контрола на Лукоил, да го запре производството поради претстојното стапување во сила на 5 декември на ембаргото на Европската унија за увоз на руска сурова нафта по морски пат.

     

    – Привремената администрација е планирана за максимален период од 12 месеци, прецизира изворот. Владата донела декрет за оваа цел.

    – Итната интервенција има за цел во исто време да ги заштити стратешките национални енергетски локации и нивоата на вработеност кои се многу важни за Сицилија и за целата земја, рече Мелони во кратката изјава, без да ја прецизира содржината на декретот.

    Со ставање на рафинеријата под државен надзор, Рим го следи примерот на Берлин, кој во септември ја презеде контролата врз германските операции на руската нафтена групација Роснефт, која таму управува со повеќе рафинерии.

    Опстанокот на рафинеријата ИСАБ е доведен во прашање, бидејќи таа е принудена целосно да се снабдува со нафта од Русија, додека пред војната во Украина, уделот на руската нафта беше 10-15 проценти. Стравувајќи од санкции, европските банки престанаа да ја финансираат рафинеријата и да и ги даваат потребните гаранции за увоз на нафта од други земји.

    ИСАБ има капацитет да рафинира 10 милиони тони сурова нафта годишно, со можност тој да се зголеми на 14 милиони тони. Обезбедува околу 20 отсто од националните потреби.

    Ова е привремено решение за да се избегне „блокирање на машини и активности и последователни катастрофи за вработеноста“, коментираше Ренато Сцифани, гувернер на регионот Сицилија, пред министерскиот совет.

    – Одлуката за ставање на компанијата под државен надзор ќе овозможи да се бараат можни купувачи, без нужно да се исклучи опцијата за национализација, истакна тој.

    Во таа насока, американскиот инвестициски фонд „Crossbridge Energy Partners“ преговара за договор со „Лукоил“ за купување на рафинеријата, чија вредност се проценува на 1 до 1,5 милијарди евра, објави вчера „Фајненшл Тајмс“.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ