четврток, април 18, 2024
spot_img
Повеќе

    Регионот може да се развива како нова енергетска сила, но потребни се инвестиции

    Земјите од регионот може да ја искористат глобалната криза и да се развиваат како нова енергетска сила, но за тоа се потребни значајни инвестиции, е пораката од денешниот енергетски самит што се одржа во Белград, и на која учествуваше премиерот Димитар Ковачевски.

    Српскиот претседател Александар Вучиќ, на прес-конференцијата со лидерите од регионот, по средбата за можностите за инвестирање во обновливи извори на енергија на Западен Балкан, рече дека заклучокот од разговорот е да се оди на формирање на регионален пазар, за да би можеле да си помогнеме.

    „Можеме многу да си помагаме и заеднички да ја обезбедиме иднината. Ова е прашање од најголемо значење, не само за оваа, туку и за сите зими што претстојат, бидејќи прашање е кога и како ќе завршат воените конфликти“, изјави Вучиќ.

    Премиерот Димитар Ковачевски,  по Конференцијата за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан, истакна дека Северна Македонија прави големи напори на патот кон енергетска независност, повикувајќи ги странските инвеститори да вложуваат во енергетски капацитети во земјата. Тој нагласи дека само со солидарност и заеднички напори регионот ќе може да ги реализира поставените цели во доменот не енергетиката. Ковачевски исто така рече и дека решението со кое од Србија би добивале гас за гасната централа ТЕ-ТО во Скопје, а произведената електрична енергија потоа би била поделена помеѓу двете земји „во моментов е многу поблиску од тоа беше на почетокот“.

    „Овој регион во изминатите 30 години беше предмет на поделби, беше предмет на несогласувања, меѓутоа во изминатиот период особено во изминатите две години регионот стана регион на соработка и на добрососедски односи. Единствен начин да се преброди било која криза и да се изгради вклучително и енергетска независност и диверзификација е можно и единствено низ регионална соработка со оглед на големината и обемот на инвестиции кои што треба да се прават, а кои поединечно ниту една држава не може сама да ги направи“, рече на заедничката прес-конференција Ковачевски, додавајќи дека ова е можност да се искористи глобалната енергетска криза за државите да се претворат во центар на зелена енергија што ќе го снабдува со струја не само регионот, туку и пошироко.

    Тој се осврна на напорите што ги вложува Владата на планот на енергетиката.

    „Затоа оваа можност, овој бизнис состанок со бизнис заедницата на Норвешка го користам да ги повикам инвеститорите да инвестираат во Република Северна Македонија и во сите земји од Западен Балкан“, рече Ковачевски.

    Тој нагласи дека сегашната влада вложува во енергетика и во проекти кои во среден и долг рок ќе носат бенефити за сите, како и дека е посветена на енергетска транзиција и на заштита на животната средина.

    „Само во мандатот на мојата влада, во изминатите десет месеци веќе имаме инсталирано 27 мегавати фотонапонски централи во државата, што е повеќе за 11 мегавати од она што беше направено вкупно за 11 години во мандатот на претходната влада“, рече Ковачевски.

    Тој додаде дека стабилен електроенергетски систем е цел и е пресуден за да имаме сигурност во снабдувањето со електрична енергија и нови инвестиции и во иднина бидејќи без стабилен енергетски сектор не може да има развој во било кое друго индустриско производство.

    Земјата донесе нова стратегија за развој на енергетиката до 2040 година која е целосно базирана на европскиот зелен договор и оваа стратегија веќе се имплементира.

    Ковачевски исто така посочи дека во фаза на преговарање се неколку стратешки инвестиции за инсталиран капацитет до еден гигават електрична енергија во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи како и комбинирана гасна централа и тоа со реномирани големи странски инвеститори од Франција, Германија и Грција. Исто така ги образложи и инвестициите на ЕСМ, потоа подготовките за изградба на 100 мегаватна електрана од страна на два странски инвеститори врз основа на јавно приватно партнерство, , на најголемата фотонапонска централа во Северна Македонија од 17 мегавати изградена од компанија од Словенија, како и дека во наредните две години треба да се пуштат во употреба сите 130 мегавати на фотонапонски електрани по пат на премиум за кој се потпишани договори во изминатите две години. Тој се осврна и на проектот Чебрен, проект кој што ќе претставува не само придобивка за енергетскиот сектор на Северна Македонија за базна енергија и енергија за балансирање, туку и за целиот регион, особено за земјите од окружувањето со кои што има високонапонска мрежа за поврзување.

    „Пред нас претстои тешка зима како за мојата држава така и за целиот регион и за европскиот континент, но убеден сум дека со солидарност и со соработка и взаемна почит најлесно ќе ја пребродиме кризата“, рече Ковачевски.

    Претседателот на Србија, Александар Вучиќ рече деак е ненопходно да се променат навиките и да се спроведат реформи.

    „Мора да го направиме тоа што е можно поскоро или ќе се соочиме со вистинска катастрофа. Зборуваме за некаде околу 16-17 милијарди евра до 32-33 милијарди евра што треба да ги инвестираме во енергетската инфраструктура“, нагласи претседателот Вучиќ, наведувајќи дека енергетскиот сектор е еден од најважните.

    И тој нагласи дека ова е можност за странските инвеститори, „но и за сите нас да ја зголемиме стапката на раст, а во исто време ќе биде тешко да се одржи фискалната стабилност“.

    Според него, се предвидува буџетски дефицит од 3,3-3,4 отсто, но речиси 45 отсто од тоа оди за снабдување со енергија, што покажува колку тој станал важен.

    „Знам дека ќе ја преживееме зимата, но прашање е што ќе се случи понатаму“, рече тој, додавајќи дека е важно да се промени структурата на енергетскиот сектор, како и повеќе да се потпираме на обновливите извори на енергија.

    На Регионалната конференција, која ја организираат амбасадите на Кралството Норвешка во Белград и Сараево, во соработка со Нордиската бизнис алијанса, Бизнис асоцијацијата на Норвешка-БиХ и норвешките партнери за соработка во областа на енергетиката, учествуваа претседателот Александар Вучиќ, премиерите на Албанија, Еди Рама, на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на Црна Гора Дритан Абазовиќ и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија.

    Целта на Конференцијата е да ја зајакне соработката во можностите за развој на капацитети за обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан кои треба да обезбедат енергетска независност.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ