четврток, април 25, 2024
spot_img
Повеќе

    Реакции по понудата на ЕСМ за цената на струјата: Нужно зло или (не)одговорна одлука

    Од ЕСМ ја правдаат понудата од 48 евра за мегават час со зголемување на цените на енергенсите на глобално ниво, како и со нивната недостапност, додека министерот за економија оценува дека станува збор за одговорна одлука на компанијата, наспроти опозицијата која реагира дека Владата им приредува нов ценовен шок на граѓаните

     

    Понудената цена на електричната енергија од 48 евра не е ниту нереална, ниту политичка, туку одговорна одлука, оценува министерот за економија Крешник Бектеши, откако ЕСМ соопшти денеска дека неговата понуда е резултат на енормното зголемување на цените на енергенсите на глобално ниво, како и со нивната недостапност.

    „На берзите, просечната цена за мегават час електрична енергија за периодот јули-декември 2022 година се движи околу 350 евра. Во услови на енергетска криза, како одговорна Влада, секогаш им излегуваме во пресрет на граѓаните. Така ќе продолжиме и во иднина“, нагласи Бектеши.

    Тој потенцира дека со мерките кои што досега ги презела Владата се надоместени  80 проценти од фактурите за струја за домаќинства и над 60.000 компании се покриени од Владата.

    „Во оваа насока ќе продолжиме и понатаму, се со цел да ги заштитиме граѓаните од ценовни шокови“, рече Бектеши.

    АД ЕСМ денеска соопшти дека понудената цена на произведената електрична енергија од 48 евра за мегават час за втората половина од  2022 година е поради енормното зголемување на цените на енергенсите на глобално ниво, како и нивната недостапност, особено во период на грејна сезона.

    „Цените на мазутот, јагленот, гасот и електричната енергија забележуваат исклучително поскапување и тешкотии при набавката, што влијае врз производната цена на електричната енергија од АД ЕСМ“, се наведува во соопштението од ЕСМ.

    Оттаму додаваат дека кога се анализира понудената цена од 48 евра за мегават час, треба да се земе предвид дека цените за електрична енергија на берзата HUDEX за периодот јули-декември 2022 година се движат меѓу 320 и 360 евра за мегават час.

    „Доколку АД ЕСМ пресмета пазарна цена кон ЕВН Хоме тогаш крајната цена за граѓаните би била приближна до бројките од берзанските цени“, наведуваат во соопштението.

    За периодот јули-декември 2022 год., како што се наведува, ЕСМ ќе ги обезбеди вкупните количини на електрична енергија кои му се потребни на ЕВН Хоме, односно 100 проценти да ги покрие потребите на граѓаните и малите потрошувачи (законот за оваа година го обврзува ЕСМ за 60 отсто), како и целосно покривање на техничките загуби во системот на ЕВН Електродистрибуција и целосно покривање на техничките загуби во системот на МЕПСО.

    „Исто така, ЕСМ се обврза да обезбеди и дополнителни 10 проценти енергија доколку ЕВН Хоме го побара тоа во текот на договорниот период“, велат од ЕСМ.

    Од ЕСМ посочуваат и дека поради префрлањето на потрошувачи од слободниот на регулираниот пазар, конзумот на ЕВН Хоме е зголемен за 27 проценти, (деловни субјекти, општини, јавно осветлување), и од тие причини, како што велат, АД ЕСМ го зголеми планот за производство на електрична енергија за 2022 година за 20 отсто од производството во 2021 година.

    „Дополнителните потреби на ЕВН Хоме и на ЕВН Електродистрибуција ќе ги задоволиме со дополнителна набавка на јаглен за зголемување на производството од термоелектраните Битола и Осломеј, како и обезбедување доволни количини мазут за работа на ТЕЦ Неготино“, посочуваат од ЕСМ

    Цената на струјата за првото полугодие (јануари-јуни 2022 година) изнесуваше 41 евро за мегават-час.

    Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните ги очекува нов ценовен шок, а Владата, како што велат од партијата, мува не ја лази за тоа што граѓаните едвај врзуваат крај со крај.

    „Како награда за граѓаните следува драстично зголемување на цената на струјата. За неколку дена се очекува драстично покачување, токму заради криминалната власт на СДСМ и ДУИ. И покрај најавеното покачување на цената на струјата, и покрај двоцифрената инфлација во државата, криминалната власт на СДСМ и ДУИ не ги покачува платите во јавниот сектор“, се наведува во реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

     

     

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ