сабота, октомври 5, 2024
spot_img
Повеќе

    Преку ЕСМ продажба на дел од компаниите може да им се продаде струја која е на ниво или под берзанската цена, вели Ковачевски

    Министерството за економија во комуникација со компаниите кои се на слободниот пазар на електрична енергија веќе изработи предлог дел од нив да бидат вратени на регулираниот пазар и да бидат снабдувани директно преку ЕСМ продажба со цена пониска од берзанската, информира денеска премиерот Димитар Ковачевски.

    -Овој предлог го разгледувавме и со стопанските комори компаниите од прехранбената индустрија и индустриите кои имаат производство наменето за широка потрошувачка за граѓаните со цел да го намалиме ценовниот притисок. За ова веќе е разговарано и со Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и штом РКЕ ќе ги финализира своите пресметки во однос на можностите на регулираниот пазар ќе биде понудено решение, рече Ковачевски во одговор на прашање по пуштањето во употреба на вториот капацитет на „Кемет електроникс“ во ТИРЗ Скопје 1.

    Потенцира дека разговорите ќе продолжат и во текот на оваа недела со цел да се изнајде најдобро можно решение за индустријата, а особено за индустријата која го снабдува населението со основни прехранбени продукти.

    -Преку ЕСМ продажба може да им се продаде електрична енергија која е на ниво или под берзанската цена која ќе им овозможи на компаниите да имаат стабилно снабдување со електрична енергија и да може да ја планираат цената на енергијата, рече Ковачевски и додаде дека еден од проблемите на светските берзи на електричната енергија е што никој во моментов не може да ја предвиди каква ќе биде цената на електричната енергија во текот на наредниот период.

    Како што кажа, има огромни флуктуации и зголемувања во текот на еден месец , но и во текот на еден ден.

    -Затоа сакаме да им обезбедиме покрај поприфатливата и пооптимална цена на електричната енергија да биде и постабилна за да може подобро да го планираат производството, посочи Ковачевски.

    Појасни дека во групата за енергетика која работеше во Прага во рамки на Европската политичка заедница задно со претседателката на ЕК било разговарано за можностите за ограничување на цената на електричната енергија, како и за намалувањето на користењето на руски гас и зголемувањето на користењето на норвешкиот гас и менувањето на рутите на снабдување наместо од исток кон запад од југ кон север и од запад кон исток.

    -Тоа во моментов дава резултати и берзанската цена на електричната енергија е значително намалена во однос на изминатиот период. Во минатото цената на ХУПЕКС берзата која е релевантна  за нас беше и до 1000 евра за мегават час, а сега е под 200 евра. Тоа е резултат на заедничкиот напор на владите во регионот и на сите влади во ЕУ и во европскиот континент, потенцира Ковачевски.

     

     

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ