петок, април 19, 2024
spot_img
Повеќе

    Предложени 4 блок -тарифи на потрошувачка на струја

    Цената на струјата за домаќинствата во земјава од 1 јули ќе зависи од нивото на потрошената електрична енергија во скапата, дневна тарифа, при што ќе има четири блокови.

    Ова , меѓу друготo беше посочено на денешната прва јавна расправа за реформа на тарифниот систем за електрична енергија организирана од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) на која беше прецизирано дека првата блок тарифа ќе се однесува на корисниците кои трошат до 210 киловат часови електрична енергија во високата тарифа, вториот блок ќе биде за потрошувачите што трошат до 420, третиот од 420 до 630 и четвртиот над 630 киловат часови во висока тарифа.

    Како што беше посочено на трибината, според предлогот кој допрва треба да биде усвоен, потрошената струја во најнискиот блок до 210 киловат часови во скапа тарифа месечно ќе се плаќа 35 отсто поевтино од сега. Оние во втората група, за потрошувачката меѓу 211 и 420 киловат часови, сметките ќе бидат слични на сегашните. Повисоки трошоци ќе имаат оние од третиот за потрошени од 421 до  630 киловат часови, а уште повисоки за најголемите трошаџии на струја, односно за нивото на 630 киловат часови скапа струја, за кои цената на струјата ќе биде слична на индустриската.

    Инаку, просечната месечна потрошувачка на електрична енергија по домаќинство во земјава е под 500 киловат часови.

    Блок тарифите ќе се применуваат само во периодите на високи дневни оптоварувања (од 07:00 до 22:00) часот, додека во периодите во ниски дневни оптоварувања (22:00 до 07:00) и недела ќе се применува иста цена.

    Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски посочи дека презентираниот модел на блок тарифи на првичната јавна расправа засега е најсоодветен и дава добри резултати, но најави дека ќе има уште две или три јавни расправи на кои експертите ќе можат да ги кажат своите забелешки.

    -Можеби од нивните анализи ќе произлезе дека треба да има три блока или првиот блок да биде до 180 киловат часа, рече Бислимоски и додаде дека сакаат да бидат сигурни дека новиот концепт ќе ги даде резултатите што се бараат од него.

    Симулациите што ги изработија Машинскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за реформа на тарифниот систем за електрична енергија покажуваат дека со воведувањето на четири блокови на потрошувачка само во високата тарифа дури 87 отсто од домаќинствата во зимскиот период би плаќале пониска цена на електричната енергија во високата тарифа (дневна струја) отколку со постојниот тарифен систем, а во летниот период тој процент би достигнал до 92 отсто.

    Како што истакна професорот Рубин Талевски од ФЕИТ, нивните симулации покажуваат дека потрошувачите од првиот блок би плаќале поевтина скапа струја од сегашната доколку од 1 јануари годинава бил воведен новиот тарифен систем со блок тарифи, потрошувачите од вториот блок би плаќале речиси исто колку со постојниот тарифник, за оние од третиот блок би имало мало зголемување, а во четвртиот блок би имале дури и 48 отсто поголема сметка.

    -Тие домаќинства што имаат потрошувачка во висока тарифа помала од 420 киловат часови месечно ќе плаќаат помалку од 5 до 13 проценти. Во третиот блок ќе плаќаат нешто поголема сметка, а во четвртиот блок би плаќале од 17 до 50-ина проценти поголема сметка. Согласно овој модел секое идно покачување на цената на електричната енергија ќе влијае помалку за оние што се во првиот и вториот блок отколку што е во моментов, прецизира Талевски.

    Професорот Константин Димитров од МАЦЕФ истакна дека со воведувањето блок тарифи околу 60.000 домаќинства од Скопје ќе бидат привилегирани, бидејќи се приклучени на централното греење и ќе немаат високи сметки за струја. За разлика од нив, како што кажа, ќе бидат казнети корисниците кои Владата ги субвенционираше за да купуваат инвертер клима уреди, бидејќи тие ќе треба да плаќаат повисоки сметки за потрошената електрична енергија заради потребата од греење во дневниот период.

    Според него, не треба единствен критериум да биде колку електрична енергија се троши на едно броило и треба да се земе во предвид и колку луѓе живеат во еден стан, зашто, како што кажа, нормално е повеќе луѓе да трошат повеќе енергија.

    Александар Дединец појасни дека доколку едно домаќинство потроши 250 киловат часови првите 210 киловат часови ќе ги плати по цена од првиот блок, а останатите од вториот блок. Побара да не се деморализираат граѓаните и да се враќаат на нееколошките начини на греење и додаде дека со сегашната цена на струјата поевтино е да се греат на струја отколку на дрва.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ