недела, септември 8, 2024
spot_img
Повеќе

    Повторно вклучена струјата во МЖ Транспорт, Владата ќе го спаси и Клинички од исклучување

    Железници Транспорт на РСМ АД Скопје напладне повторно доби струја, откако изутрината ЕВН поради долг од 6,5 милиони евра за неплатени сметки ги исклучи од мрежата објектите на државното железничко претпријатие кај депото во скопско Лисиче и во Велес.

    Информацијата дека повторно има струја во оваа институција ја потврди и премиерот Димитар Ковачевски, кој кажа дека струјата во оваа институција е повторно вклучена.

    Тој најави дека ќе се реши проблемот и со другите државни институции коишто со години натрупувале големи долгови за потрошената електрична енергија, како што е Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, чиј долг изнесува седум милиони евра.

    Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, претходно во изјава за медиумите најави дека Железници ќе има струја и повтори дека долгот кон ЕВН за неплатените сметки на одредени државни институции ќе биде подмирен веднаш штом во Собранието ќе  помине најавената пренамената на средствата од Буџетот.

    Според него,  не треба никаква друга гаранција дека тоа ќе се исполни, бидејќи веќе го најавија и премиерот Димитар Ковачевски и други членови на Владата.

    – Сметам дека веќе во овој  момент во „Железници Транспорт“ има струја. Владата не е ниту договорна, ниту облигациска страна кон ЕВН и ако ЕВН не сфаќа дека Владата не е тука страна која дава гаранции, тогаш ЕВН има навистина проблем со толкување на нивното функционирање во нашата држава. Премиерот, вицепремиерот и министерот за финансии кажаа дека ќе се платат долгови кон ЕВН и тоа е сосема доволно за било кој економски оператор да сфати дека тоа е Влада и држава и оти не треба никакви други гаранции, рече вицепремиерот Битиќи во одговор на новинарско прашање зошто досега Владата не испратила гаранција до ЕВН дека ќе го подмири долгот, откако изутрина беше исклучена струјата во „Железници Транспорт“.

    Според последните информации, ЕВН побарува од „ЖРСМ Транспорт“ околу 7 милиони евра за електрична енергија.

    ЕВН им даде рок до 15 овој месец на повеќе институции да го платат долгот за потрошена електрична енергија, меѓу кои се и Клиничкиот центар и „ЖРСМ Транспорт“ и други.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ