вторник, април 23, 2024
spot_img
Повеќе

    Политичката сцена под висок напон за цената на струјата

    ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта го уништува стандардот на граѓаните, наспроти тврдењата на СДСМ дека е спречено драстични поскапување на електричната енергија

     

    Додека владејачкиот СДСМ се фали дека е спречено драстично поскапување на струјата во земјава, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ напаѓаат дека народот тоне во сиромаштија поради, како што велат, несоодветните политики на власта.

    Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека во СДСМ немаат допир со реалноста ако сметаат дека покачувањата на цените на струјата и на парното се мали.

    „Заевизмот го уништува стандардот на граѓаните. Од 1 јануари граѓаните плаќаат над 15 отсто поскапи сметки за струја, а во Скопје и поскапо парно за 14 отсто. Ако за СДСМ ова е малку, тогаш навистина се имаат одлепено од реалноста. Сè што ветуваа излажаа, сè што фатија или украдоа или исушија“, велат од од ВМРО-ДПМНЕ.

    Цената на парното се зголемува за 14%

     

    Оваа критика доаѓа ако реакција на прес-конференцијата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на која таа рече дека  со мобилизирање на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија е спречен ценовен шок,  односно  цената на струјата е покачена за само 9,48 отсто што е далеку под првичните прогнози за поскапување од над 25 отсто.

    „Ова е резултат на неодговорноста и неспособноста на власта на СДСМ. Кузеска и СДСМ да одржат уште десет прес-конференции во кои ќе прикажуваат розови слики нема да го покријат фактот дека граѓаните тонат во сиромаштија. Криминалот и корупцијата на власта доведе до тоа да бидеме најсиромашната и најнесреќната нација во Европа. Додека Заев и екипата јадат со златни лажици за празниците, народот ќе стравува како да врзе крај со крај во месецот“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

    Од СДСМ, пак, велат дека со брза и навремена реакција на Владата е спречен ценовен шок за граѓаните и драстично зголемување на цената на струјата.

    Струјата поскапува за 9,48% – се укинува дневната евтина тарифа

     

    „Евтината ноќна тарифа на струјата како и евтината тарифа во недела ќе се задржат, а дополнителни рестрикции нема да има. Дека цената на електричната енергија е глобален проблем потврдуваат и покачувањата на цената на струјата во многу држави, а најизразено е во Турција каде што електричната енергија за домаќинствата поскапи за 50 отсто, додека за компаниите и за над 100 отсто“, рече Кузеска, на прес-конференција.

    Таа се осврна и на одлуката на владата финансиски да им се помогне на ранливите потрошувачи, за што се обезбедени 60 милиони денари.

    „Со оваа мерка ќе се опфатат околу 7 500 домаќинства со ниски примања, во времетраење од 12 месеци, кои ќе добијат намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија за 600 денари или 800 денари месечно, во зависност од големината на домаќинството“, рече Кузеска.

    Од владејачката партија ги нападнаа ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски дека во време на криза шират паника меѓу граѓаните.

    „Додека Владата предводена од СДСМ е посветена на креирање мерки со кои ќе се намалат последиците од енергетската криза, ВМРО ДПМНЕ, на чело со Мицкоски, продолжува со лаги и во време на криза, со цел да поттикнат паника кај граѓаните. Мицкоски лажеше дека цената на струјата ќе биде повисока до 40 отсто, тој и ВМРО ДПМНЕ и оваа криза ја користат за  собирањ евтини политички поени, не водејќи никаква грижа за граѓаните“, обвинија од  СДСМ.

    Снабдувачите ќе откупуваат енергијата од обновливи извори за 105 евра за мегават час

    НАЈНОВИ ВЕСТИ