недела, октомври 13, 2024
spot_img
Повеќе

    Поевтинува струјата за домаќинствата во прв и втор блок, како и за малите потрошувачи

    Цената на струјата за малите потрошувачи, и за 99,2% од домаќинствата ќе се намали. Ова го изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

    Како што соопшти денеска на прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, струјата за домаќинствата во првиот и во вториот блок од 1 јануари се намалува, а се зголемува  во третиот и четвртиот блок. Намалување има и на цената за малите потрошувачи.

    Цената на електрична енергија кај домаќинствата за прв блок се намалува за 4,11 проценти, за втор блок за 2,95 проценти, на третиот блок се зголемува за 0,85 проценти, а за четвртиот се зголемува за 7,65 проценти.

    Според Бислимоски, 99,2 проценти од домаќинствата во државата ќе имаат намалени цени на електрична енергија.

    Во новата цена на струјата  од 1 јануари е пресметано и зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 проценти.

    Како што информира Бислимоски, вкупната цена за електрична енергија на малите потрошувачи  од 1 јануари се намалува за 20,15 проценти. Таа цена ќе се применува за 70.000 компании во државата кои во изминатиот период се соочуваа со зголемени трошоци. Тоа се мали и микро компании, мали дуќани фризерници, берберници, мали кафулиња, рече тој .

    Претседателот на РКЕ соопшти дека со овие одлуки, цената за пренос на електрична енергија се намалува за 8,66 проценти, а за дистрибуција за 19,54 проценти. Тоа, посочи, е дополнителна помош и за компаниите коишто се на слободниот пазар на електрична енергија затоа што нивните трошоци за мрежарина, која го вклучува преносот и дистрибуцијата се намалуваат речиси за 20 проценти.

    -Она што е исто така многу битно, во изминатиот период имаше реакции дека трошокот за мрежарина е поголем од трошокот за енергија. Сега тоа ќе се промени поради тоа што трошокот на дистрибуција на електрична енергија  за категоријата каде што се приклучени домаќинствата тоа е ЛВ2 се намалува за 20,6 проценти, рече Бислимоски.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ