недела, октомври 13, 2024
spot_img
Повеќе

    Одбележан јубилејот 40 години РЕК „Битола“

    Ноќта меѓу 4 и 5 ноември во 1982 година термоелектраната на РЕК „Битола“ ги произведе првите киловати електрична енергија и тоа беше повод денеска во Битола да биде одбележан големиот јубилеј – 40 години од стартот на работата на Комбинатот.

    Во пресрет на свеченоста, Комбинатот го посети премиерот Димитар Ковачевски, а во поздравно обраќање на свеченоста го истакна значењето на најголемиот капацитет за производство на електрична енергија во земјава.

    -Упатувам честитки по повод јубилејот 40 години РЕК Битола – срцето на македонската енергетика и столбот на македонската економија.

    РЕК Битола е енергетски капацитет кој беше исклучително важен за осамостојувањето на нашата држава. И денес во услови на најголемата светска енергетска криза, РЕК Битола произведува најголем дел од електричната енергија во земјава. Без стабилен електроенергетски систем, нема стабилна држава и затоа во најтешката зима која е пред нас максимално работиме за непречено и стабилно снабдување со електрична енергија, поддршка на граѓаните и стопанството со обезбедување евтина струја од домашно производство, а уделот на РЕК Битола е клучен, рече Ковачевски.

    Според министерот за економија Крешник Бектеши, АД ЕСМ освен што произведува електрична енергија, има и директен придонес во ублажување на економската криза и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

     

    – Со работата на АД ЕСМ се влијае и намалување на цените на основните прехранбени производи, но исто така се влијае да не се зголеми цената на водата за пиење, и затоа се зголеми производството токму на РЕК „Битола“, рече меѓу другото министерот Бектеши на свеченоста во Битола.

    РЕК „Битола“ ќе остане столбот на електроенергетскиот систем на државата, нагласи генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

    – Во последните неколку години засилено работиме на зајакнување на капацитетите и инсталирање нови електрани, но пропуштеното време не можеме да го вратиме. Се додека во РЕК „Битола“ не ја изградиме гасната централа и додека не го изградиме најголемиот енергетски капацитет ХЕ „Чебрен“, како капитален енергетски капацитет, ние ќе мораме да се потпираме на РЕК „Битола“ и секако на РЕК „Осломеј“, на хидроцентралите и други капацитети. Енергетската трансформација на РЕК „Битола“ и преминот на производство на електрична енергија од јаглен кон производство на чиста енергија од природен гас или обновливи извори на енергија ќе оди постепено, плански, во фази кои ќе дозволат енергетски безбедна и социјално праведна транзиција, рече Васко Ковачевски.

    Тој најави дека гасната електрана со капацитет од 250 до 400 мегавати и четирите фотонапонски електрани во РЕК „Битола“ со инсталирана моќност од 280 мегавати ќе се градат во кругот на Комбинатот и тие ќе бидат замена на трите блокови кои сега произведуваат електрична енергија од јаглен.

    На свеченоста во Битола, менаџментот на РЕК „Битола“ додели посебни признанија и награди, а за присутните беше приредена и уметничка програма.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ