сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    Од калкулациите на РКЕ зависи дали повторни ќе има евтина дневна тарифа за струјата

    Обновливите извори на енергија, од кои најголем дел се фотоволтаици произведуваат најмногу во дневните часови кога има сонце и тоа овозможува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) да направи калкулации коишто ќе обезбедат враќање на дневната евтина тарифа на струја, посочи денеска премиерот Димитар Ковачевски.

    -Дали тоа ќе се случи, тоа зависи од калкулациите на РКЕ, бидејќи тие ги прават и работат како независно тело од Владата. Имајќи ги предвид сите елементи на финалната цена на струја, ние како Влада продолжуваме со субвенционирање на цената на електрична енергија за да нема ценовен шок за граѓаните. Веќе во Буџетот се обезбедени финансиските средства во делот на антикризните мерки за оваа година во износ од 250 милиони евра и штом ќе ги има калкулациите РКЕ тогаш ќе можеме врз основа на тоа што го направиле и врз основа на факти да разговараме дали ќе има дневна евтина тарифа, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на клиничкиот центар во Скопје.

    Потсети дека производството на АД ЕСМ од капацитетите кои произведуваат електрична енергија од јаглен и мазут е зголемено за 44 проценти во однос на претходниот период.

    -Тоа овозможува да имаме електрична енергија без никакви рестрикции што се потврди дека е така. Второ, да имаме електрична енергија по цена која што е најниска во регионот, бидејќи немаше никакво покачување на цената на електрична енергија и дополнително што државата во минатата година има инсталирано 210 мегавати обновливи извори на енергија, потенцира Ковачевски.

    Нагласи дека АД ЕСМ во текот на февруари го имаше рекорден месец и ден за производство на електрична енергија при што дури 22.000 мегават часови електрична енергија беа произведени во еден ден.

    -Тоа се нема случено во декади наназад. Зошто? Бидејќи беа направени сите потребни ремонти во РЕК Битола, третиот блок беше ставен во употреба, РЕК Осломеј се стави во целосна употреба, а порано не ни произведуваше и во ТЕЦ Неготино беа направени сите ремонти и се стави во употреба. Благодарение на добрите односи што ги имаме со соседите, а тоа е набавка на суровини за производство на електрична енергија и не затворање на трансграничните капацитети за транспорт на електрична енергија обезбедивме да имаме успешно справување со енергетската криза и така се подготвуваме и за идната година, појасни Ковачевски.

    Прашан дали се готови анализите за враќањето на ДДВ-то за струјата од сегашните 10 проценти на 18 проценти, Ковачевски рече дека се уште се прават калкулации и додаде дека од нив ќе зависи дали ќе има зголемување на ДДВ-то или ќе остане исто за да нема зголемување на крајната цена на струјата што ја плаќаат граѓаните.

    -ДДВ-то е изворен приход на буџетот и ние го намаливме за струјата со цел да нема ценовен шок за граѓаните. Тоа беше намалено од 18 на 5 проценти, потоа од 18 на 10 проценти и не се качи цената на електричната енергија. Истовремено со зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто што повторно е пониско од вообичаените 18 отсто, зголемувајќи го производството на електрична енергија обезбедивме да има иста цена на струјата. Сега се зема во предвид и нормалната стапка на ДДВ, зголеменото производство на електрична енергија, зголеменото производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија и доколку калкулациите покажат дека финалната цена со вклучен ДДВ може да остане иста, тогаш Министерството за финансии, ЕСМ и другите ресорни економски министерства  ќе можат заедно да донесат одлука во однос на тоа дали е потребно се уште да е држи на 10 проценти ДДВ-то или може да биде на нормална ставка од 18 проценти, а да нема зголемување на цената на електрична енергија  за граѓаните, потенцира Ковачевски.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ