недела, октомври 13, 2024
spot_img
Повеќе

    Од 1 јули се најавува враќање на евтината дневна тарифа, но и можно зголемување на ДДВ за струјата од 10 на 18 отсто

    Вицепремиерот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи најавува дека се прават последните анализи и можно е од 1 јули да се врати евтината дневна тарифа, но и ДДВ за струјата да се зголеми од 10 на 18 отсто, но без при тоа товарот да падне целосно кај граѓаните

    Тој денеска во интервју за утринската програма на телевизија Телма рече дека се прават последните анализи за тоа дали може да се врати евтината дневна тарифа.

    „Се прават последните анализи дали може да се врати евтината тарифа и таа најверојатно ќе биде вратена од први јули. Цената на електричната енергија ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика преку соодветни параметри“, рече Битиќи.

    Враќањето на евтината дневна тарифа за електрична енергија не е единствената вест која ја најави Битиќи. Тој рече дека се прават анализи и можно е од 1 јули да се врати ДДВ за струјата од 10 на 18 отсто.

    „Кога пред година и половина донесовме мерка за ублажување на состојбите со енергетската криза, една од мерките беше намалување на стапката на ДДВ на 10 отсто. Тогаш најавивме дека таа постепено ќе се враќа на 18 отсто затоа што не сакаме да нанесеме штета на приходната страна во буџетот. Сега се прават последните анализи дали ќе остане на 10 отсто или ќе се врати на 18 отсто без при тоа товарот да падне целосно кај граѓаните“, рече Битиќи.

    Тој објасни дека ЕСМ дава предлог кон ЕВН Хоум, а потоа Регулаторната комисија ќе донесе одлука, која се очекува да се знае кон крајот на јуни.

    „Имаме месец и пол пред нас, а ние не зависиме само од домашните поизводители на електрична енергија“, вели Битиќи.

    Во овој момент, според Битиќи, не може да има конкретен одговор каква ќе биде цената на струјата од 1 јули.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ