четврток, април 18, 2024
spot_img
Повеќе

    Од 1 декември поевтина струја за дел од училиштата, комуналните претпријатија и компаниите од прехранбената индустрија

    Вкупно 233 основни и средни јавни училишта, 50 јавни претпријатија од областа на водостопанството и 235 прехранбени субјекти аплицирале за владината мерка, според која, „ЕСМ продажба“ ќе ги снабдува со поевтина струја од 1 декември, соопштија на денешната прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски, министерот за економија Крешник Бектеши и генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

    “Поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат производи – масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија.“ кажа Ковачевски.

    Крајното влијание од оваа мерка ќе е стабилизирање и намалувањето на цените на финалните производи со кое веќе и се намалуваат во дел од индустриите.

    Со одлуката се опфатени и  основните и на средните училишта. За да имаат непречено и сигурно снабдување со електрична енергија, основните и средни јавни училишта се овозможува да склучат договор за снабдување со „ЕСМ Продажба“, по цена од 95 евра по мегават/час.

    “Можност за снабдување со електрична енергија од ЕСМ обезбедивме и за јавните претпријатија од областа на водоснабдување и одведување на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици. Ова се направи со цел да обезбедиме непречено функционирање на овие витални функции во локалните самоуправи и цената за оваа намена ќе е 95 евра по мегават/час.“  соопшти Ковачевски на денепната прес конференција.

    Заклучно со вчера траеше рокот за пријавување за сите оние кои сакаат да почнат да ја користат оваа повластена цена од 1 декември. За оние кои ја искористија таа можност и се пријавија АД ЕСМ преку „ЕСМ Продажба“ од 1 декември ќе почне со снабдување на трите категории потрошувачи опфатени со одлуката на Владата за субвенционирана струја.

    Од 474 јавни основни и средни училишта во државата, за субвенционирано снабдување се пријавиле 233, од сите градови.

    Од 70 јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни или пречистителни станици се пријавиле 50 субјекти.

    Од категоријата на физички и правни лица регистрирани во прехранбениот сектор, се пријавиле 235 субјекти.

    „Она што сакам да го напоменам е всушност пораката дека ние како Влада, како одговорна влада која покажа дека одговорно менаџира со буџетот во време на криза, остануваме посветени на поддршката на граѓаните и компаниите. И кога велам дека никој нема да биде оставен сам, јас стојам зад тоа.“ истакна Ковачевски.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ