четврток, април 25, 2024
spot_img
Повеќе

    Нема опасност од енергетска криза, оценува Бектеши

    Политиките во областа на енергетиката се фокусирани на енергетската транзиција, енергетска ефикасност и заштита на животната средина, изјави министерот за економија, во рамки на МЕФ

     

    Државата нема да се соочи со енергетска криза, тврди министерот за економија, Крешник Бектеши.

    „ЕСМ веќе работи, ги зголемува капацитетите. Но, треба да имаме предвид дека преземавме обврска во делот на трансформацијата на енергетиката и веќе работиме и инвестираме во зелена енергија, како што се соларната и ветерната енергија, а дополнително на тоа очекуваме до крајот на годината да се завршат неколку фази и во делот на дистрибутивната мрежа за природен гас, а секако и за изградбата на ‘Чебрен’“, изјави Бектеши, на прес-конференцијата на Македонскиот енергетски форум.

    Според Бектеши, политиките на Министерството за економија, во областа на енергетиката, се фокусирани на енергетската транзиција, енергетска ефикасност и заштита на животната средина.

    „Владата на Северна Македонија, кон крајот на 2019 година, ја донесе Стратегијата за развој на енергетиката до 2040, која предвидува намалување на потрошувачката на енергија за 27 проценти, но при истовремено зголемување на БДП и зголемување на учеството на обновливи извори на енергија од сегашните 18 на 45 проценти во 2040 година.

    За иницијативата на Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) за енергетската сиромаштија, Бектеши истакна дека наскоро ќе се знае кои категории на граѓани ќе бидат опфатени со таа програма.

    „Во однос не енергетската сиромаштија, тоа е обврска што ја имаме согласно потребите и барањето на енергетската заедница. Имајќи предвид дека веќе се подготвуваше и планот во однос на клима-енергија, кој треба да се усвои во текот на октомври во Владата, веќе се одржуваат расправи и оттука ќе произлезат сите мерки. Заедно со Министерството за труд и социјална политика, како и РКЕ, веќе подготвивме низа мерки во однос на проширување на бројот на граѓани, на домаќинства кои ќе можат да добијат надоместок од страна на државата“, рече Бектеши.

    Тој очекува дека, по усвојувањето на планот за клима и енергија, ќе биде усвоена и програмата за енергетска сиромаштија. Бектеши посочи дека во зависност од финансиските можности за наредната година, ќе се одлучува кои категории на граѓани ќе бидат опфатени со програмата. Исто така, како што рече, ќе се направи план за наредните пет години во делот на проширување на бројот на опфатени граѓани.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ