сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    Нема да бидат прифатени барањата на компаниите за цената на струјата, најавува Бислимоски

    РКЕ, како што вели претседателот на Комисијата, си прави свои анализи и наскоро ќе излезе со конечна пресметка, ама, посочува, додека не се одржи тендерот на кој ЕЛЕМ треба да даде понуди на ЕВН хоум не може да се каже каква би била цената на електричната енергија

     

    Нема да бидат прифатени барањата на компаниите за цената на струјата. РКЕ ќе си направи свои анализи и наскоро ќе излезе со конечна пресметка, најавува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимовски, во интервју за РСЕ. 

    „Кон крајот на минатиот месец, МЕПСО побара зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 140 проценти. Електродистрибуција побара зголемување на нивниот дел за дистрибуција за 1 процент и операторот на пазарот на електрична енергија побара за неговите трошоци зголемување на цената од 45 проценти. Значи тоа се нивни барања. Во овој момент регулаторната комисија за енергетика ги анализира овие барања и уште од сега најодговорно можам да кажам дека тоа што е побарано нема да биде прифатено и РКЕ  ќе си прави анализи врз основа на кои, очекувам во наредните десетина дена да излезе со конечни пресметки“, вели Бислимоски. 

    Тој нагласува дека она што е битно да се знае е дека РКЕ на крајната цена влијае со 38 проценти, односно тоа е цената за пренос, за дистрибуција, и еден мал дел за организирање и управување со пазарот на електрична енергија, а на другите  62 проценти нема никакво влијание.

    „ЕВН хоум, како универзален снабдувач си обезбедува електрична енергија за потребите на тендер што го распишува. Притоа, кој има понудено најниска цена, тој добива на тендерот и овој трошок што го има ЕВН хоум, РКЕ само го пренесува кон крајните потрошувачи. Има уште еден дел што има влијание, конкретно минатата година околу 7,5 проценти, тоа е трошокот за повластени производители на електрична енергија.  Тоа се производители од обновливи избори на енергија кои користат повластени тарифи и има законска обврска да се откупи нивната електрична енергија. Во овој момент додека не се одржи тендерот на кој ЕЛЕМ треба да даде понуди на ЕВН хоум не можеме да кажеме каква би била цената на електричната енергија“, вели Бислимоски. 

    БИСЛИМОВСКИ ЗА БАРАЊАТА НА ЕНЕРГЕТСКИТЕ КОМПАНИИ: НА СМЕТКА ОД 1 000 ДЕНАРИ ПОСКАПУВАЊЕТО БИ БИЛО ЗА 50 ДЕНАРИ

    Тој посочува дека РКЕ даде предлог да се зголеми опфатот на ранливи категории на потрошувачи и, како што вели, од она што добиле како податоци во комуникација со операторот на електродистрибутивниот систем, а тоа е Електродистрибуција, се покажа дека  кај најголем дел од потрошувачите кои во моментов користат субвенции од државата од 1000 денари месечно, нивните енергетски податоци не се совпаѓаат со нивните податоци врз основа на кои примаат субвенција.

    „Тоа значи дека живеат во домови кои не се во нивна сопственост и се наоѓаат во сопственост на други луѓе и броилата се на име на сопствениците на живеалиштата во кои живеат. Некаде околу 70 проценти од тие 34-35 илјади граѓани, домаќинства, кои во моментов примаат социјална помош, енергетски е многу тешко да ги пронајдеме, значи Електродистрибуција не може да ги пронајде, затоа што сопственикот на броилото е сосема друго лице, а тој што прима социјална помош не можеме да го вкрстиме со броилото. Тоа е сериозна работа што треба да се заврши, инаку законски, секој потрошувач, секое домаќинство, кога ќе се промени сопственоста на станот, е должен за тоа да го извести операторот на електродистрибутивниот систем. Но, како и да е, нашата иницијатива е прифатена од страна на Владата, формирана е работна група која треба да најде конкретен начин како да им се помогне на овие ранливи категории потрошувачи, како да се зголеми опсегот на ранливите категории потрошувачи“, вели Бислимоски, во интервјуто за РСЕ.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ