петок, април 19, 2024
spot_img
Повеќе

    Не очекуваме зголемување на цената на струјата, вели Бислимоски

    Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски во интервју за МИА говори за цената на струјата, кондицијата на енергетските компании, заштитата на потрошувачите од ценовните шокови, водните и комуналните услуги и плановите за Новата 2021 година.

    Дали се очекува зголемување на цената на електричната енергија поради намаленото производство во хидроцентралите заради неповолната хидрологија и следствено на тоа зголемениот увоз?

    -Во овој момент не очекуваме зголемување на цената на електричната енергија. ЕСМ има обврски да ги обезбеди потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата и тоа по цена која сама си ја определува, бидејќи РКЕ повеќе не ја определува цената на ЕСМ за струјата. Според информациите кои ги имаме, сега цената на ЕСМ изнесува 38,8 евра за мегават час. Факт е дека имаме намалено производство од хидро капацитетите во државата кое пред се се должи на лошата хидрологија која кон крајот на 2020 година ја имаше не само во нашата земја, туку и во регионот и од тие причини имаше потреба од увоз на електрична енергија, но ЕСМ е обврзан  во рамките на таа цена која што ја понудил од 38,8 евра за мегават час да ги обезбеди потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата. Дали ќе увезува дополнително или не тоа од аспект на цена не е битно, бидејќи во калкулациите на РКЕ влегува цената која ја нуди ЕСМ и во рамките на таа цена ЕСМ ќе си ги покрие своите трошоци за увоз на електрична енергија.

    Колкав процент треба да обезбеди АД ЕСМ за Универзалниот снабдувач за годинава и дали компанијата ќе биде подготвена да го направи тоа без да предизвика зголемување на цената на регулираниот пазар поради намаленото сопствено производство?

    -Согласно Законот за енергетика започнувајќи од 2019 година, па до 2025 година ЕСМ има обврска да обезбедува дел од своето производство за потребите на регулираниот пазар, односно за малите потрошувачи и домаќинствата кои се снабдувани од Универзалниот снабдувач. Во 2019 година обврската беше 80 проценти, а ЕСМ обезбеди 100 проценти. Во 2020 година е 75 проценти, во 2021 е 70 проценти и се така до 2025 година кога ќе изнесува 30 проценти. Во зависност од тоа што ќе обезбеди ЕСМ и колку ќе обезбеди ќе има потреба во рамките на своите производни капацитети  да си го оптимизира своето производство. Најдобро  би било доколку ЕСМ обезбеди 100 проценти од потребите на малите потрошувачи и домаќинствата, имајќи  во предвид дека во изминатиот период има убедливо пониска цена отколку што е цената на пазарот на електрична енергија. Овие обврски за процентуално обезбедување откако ќе ги понуди ЕСМ на Универзалниот снабдувач е обврзан целосно да ги обезбеди како што е предвидено со Законот за енергетика.

    Доколку има зголемени можности би било добро да обезбедува 100 проценти од потребите на малите потрошувачи  и домаќинствата. Обезбедувањето 70 проценти од потребите за Универзалниот снабдувач за годинава е законска обврска која мора да ја обезбеди ЕСМ доколку има пониска цена од цената  на пазарот на електрична енергија, бидејќи се распишува тендер. Доколку се случи  цените на пазарот да бидат пониски од цената на ЕСМ, во што не верувам, во тој случај нема потреба ЕСМ да ги обезбеди тие 70 проценти. До сега се покажа дека тоа не е возможно, а и цената на ЕСМ и во моментов, а и во претходниот период е некаде помеѓу 20 и 30 проценти пониска од пазарната цена на електричната енергија.

    Во каква кондиција се енергетските компании?

    -Минатата 2020 година беше карактеристична заради ковид кризата и од тие причини имаше  турбуленции, односно намалување на потрошувачката на електричната енергија во земјите во регионот. Токму тоа беше причината извозните компоненти кои ги има МЕПСО како преносен систем оператор во однос на транзитите да влијаат неповолно на финансиската состојба на компанијата, имајќи во предвид дека во 2019 година приходите од транзит на МЕПСО изнесувале околу 22 милиони  евра, а во 2020 година изнесуваа околу 11 милиони евра што е 11 милиони евра помалку од тоа што било предвидено во одлуките на РКЕ. И кај ЕСМ приходите од продажбата на вишоците на електрична енергија од 2019 година изнесуваат околу 22 милиони евра, а за жал во 2020 година изнесуваат 6 до 7 милиони евра што се 15 до 16 милиони евра помалку од остварените приходи во изминатите години.

    Тоа беше една од основните причини поради која дојде и до корекција на цената на електричната енергија кон средината на 2020 година. Инаку и двете компании се во добра кондиција, пред се од технички аспект подготвени се за предизвиците кои следат во 2021 година затоа што очекуваме да се нормализира состојбата со Ковид-19 и да расте потрошувачката  на електрична енергија и во нашата земја и во регионот. Очекувањата се дека и ЕСМ и МЕПСО своите обврски кои им произлегуваат од Законот за енергетика ќе ги завршат како што треба.

    Според мое мислење, најбитно е во 2021 година ЕСМ веќе да започне да покажува поголема активност не само на пазарот на големо на електрична енергија, туку и на пазарот на мало и да продава електрична енергија како што продаваат и останатите снабдувачи. Во Србија државната компанија за производство  е многу активна на пазарот на мало, како и државната ХЕП во Хрватска. И во други земји во регионот најголемите производствени капацитети преку своите компании за снабдување на пазарот на електрична енергија се многу активни. Очекувам во 2021 година конечно и ЕСМ да покаже активност на пазарот на мало на електрична енергија.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ